Класичниот приказ на Фејсбук, интерфејсот со познатата сина навигациска лента на врвот, ќе исчезне засекогаш во септември.
Фејсбук на страницата за поддршка наведува дека сите корисници наскоро ќе добијат нов дизајн на социјалната мрежа. Засега привремено е можно да се користи стариот интерфејс, но постои известување дека класичниот Фејсбук веќе нема да биде достапен.
Новиот дизајн беше најавен минатата година на конференцијата за развивачи на Фејсбук и првично се појави на апликациите за иОС и Андроид. Во март пристигна на работната површина како опција, но многумина продолжија да го користат стариот дизајн, затоа што тоа им беше овозможено. Меѓутоа, од септември, оваа можност ќе биде укината, така што сите корисници ќе мора да се префрлат на новиот дизајн.
– Новиот интерфејс претставува голема промена од она што го користеше Фејсбук во поголемиот дел од својата историја. Поедноставен е, има повеќе бел простор, а достапен е и во темен режим. Исто така е пофункционален и повеќе се фокусира на можностите за групите, а покрај тоа ги истакнува и секциите Фејсбук воч, Маркетплејс и Гејминг на навигациската лента – пишува „Д верџ“.