Витли на енергија, спиритуални места со посебна сила, без оглед како се нарекуваат, за одредени локации се верува дека се интензивни енергетски центри што ги привлекуваат луѓето уште од дамнина. Се верува дека посетата на вакво место донесува метафизичко исцелување, духовно будење и врска со божественото. Од родното место на Инките во Перу до мистериозните пагански споменици во мирната британска внатрешност, спиритуалните патувања изобилуваат со искуства што на големиот број посетители им носат духовна преобразба.
Керфри – Седона, Аризона (САД)
Сместено на педесетина километри северно од Феникс, спокојното гратче Керфри е дом на најголемиот сончев часовник на планетата. Насочен кон Северницата, 10 метри висок, сончевиот часовник се наоѓа во рамките на ботаничка градина што содржи над 50 пустински билки. Со имиња на улиците како Мрзлива или Ноншалантна авенија, ова безгрижно гратче ќе ви покаже како изгледа местото што навистина го оправдува своето име.
Гластонбери – Стоунхенџ (Велика Британија)
Избалансирајте ја својата енергија на урнатините на опатијата Гластонбери. Тоа е едно од трите спиритуални места во градот, каде што, според верувањата, се вкрстуваат невидливите енергетски патишта. На оддалеченост од еден и пол километар се наоѓа Белиот Извор, познат по лековитата вода, богата со калциум, како и светилиштата на локалните пагански богови. Ако се упатите кон исток, преку непрегледните полиња и живописните англиски села, ќе дојдете до Вилтшир, грофовија богата со праисториски споменици и со мистериозните кругови во житото. Потоа упатете се до една од најпознатите атракции во ова подрачје, Стоунхенџ. Се верува дека 5.000 години старите мегалити се наоѓаат на местото каде што се вкрстуваат неколку леј-линии (праисториска мрежа на комуникации).
Мејџи Џингу – планината Фуџи (Јапонија)
Од зимзелени шуми и природни термални извори до мирни градски светилишта им нуди јапонскиот архипелаг на посетителите што сакаат да ги подмладат своите тела и да имаат бистар ум и просветлена душа. Тргнете од храмот „Мејџи Џингу“, едно од најстарите шинтоистички места во срцето на Токио. Само на час возење западно од Токио се наоѓа планината Такао. Таму има неколку енергетски места, вклучувајќи го и она во планинскиот храм „Јаокуо-ин“. По закрепнувачка чинија супа со тестенини, испробајте го и познатото „капење во шумата“. Продолжете да возите на југозапад уште 120 километри и ќе стигнете до планината Фуџи, една од трите свети планини во Јапонија. Аџиите исклучително ја почитуваат и за нив таа е скалило до небото. Овој активен вулкан е дом на голем број енергетски точки.
Пирамидите во Гиза – храмовите во Карнак (Египет)
Пирамидите во Гиза спаѓаат во најзначајните спиритуални места во Египет. Поминете го денот опкружени со хиероглифски натписи, додека ги истражувате подземните гробници во кои некогаш се наоѓале саркофазите на познатите египетски кралеви и кралици. Големата сфинга, која често се смета за најзначаен објект на овие простори, е свртена кон исток и изгледа како да стои на стража. За ранобудниците тоа е идеално место за медитација во периодот кога изгрева сонцето. Следејќи го течението на Нил на југ доаѓате до Горен Египет, каде што мистериозниот воздух го обвиткува Карнак, најсложениот комплекс на храмови во земјата.
Куско – езерото Титикака (Перу)
Ќе почувствувате како ве опкружува духот на космосот во Куско, бивша престолнина на царството на Инките. Се верува дека неговиот внатрешен град е изграден во облик на пума, за да ги симболизира снагата и огнената моќ на Земјата. Овој град е исполнет со енергетски патишта, митолошки хиероглифи и со свети архитектонски чуда. Направете пауза во местото Ракчи, а потоа ве очекува сликовито возење од околу 400 километри јужно, до езерото Титикака, највисокото пловно езеро на светот. Со векови спиритуалната енергија со која е обвиткано езерото ги привлекувала аџиите на неговите легендарни брегови.