Емисијата „Дневна соба“ на ТВ ВИС Струмица, чиј водител е Ѓорѓи Калајџиев, секојдневно нуди интересни содржини поврзани со карневалот

Годинашниот „Струмички карневал“, имајќи ја предвид актуелната пандемија на коронавирусот, нема да се одржи во вообичаената форма. Сепак, организаторите на оваа реномирана меѓународна манифестација преземаа активности со кои на симболичен начин се одбележуват карневалските празнувања, во рамките на протоколите за ковид-19.

Еднонеделната манифестација почна во четвртокот со кревање на фестивалското знаме, а ќе трае до 17 март.

За да се сочува добропознатата карневалска атмосфера, од 10 до 18 март на отворено, на плоштадот „Гоце Делчев“ во Струмица е отворена изложбата насловена „Струмички карневал“, а и излозите во центарот на градот се уредени во карневалски дух. Во Центарот за култура во Струмица исто така е организирана рестроспективна изложба на фотографии од претходните карневали.

Во библиотеката „Благоја Мучето“ вчера беа доделени традиционалните награди од литературниот конкурс на тема „Карневалска магија“ , а на 16 март ќе се одржи Меѓународниот фестивал на карикатура и афоризам, годинава на тема „Карневал и еротика“.

В среда ќе се организра Тримерски ручек, содветно на ковид-протоклолите, а емисиите „Дневна соба“ и „Неделно попладне“ на Канал ВИС за време на карневалските денови се резеревирани за гостување на карнавалските групи и други содржини посветени на „Струмичкиот карневал“.

Организациониот одбор се оградува од секакво организирање на забави и спонтан настап на поединци и групи, за време на традиционалниот Детски карневал на верскиот празник Прочка и традиционалниот Струмички карневал, во рамките на Тримерските празнувања и апелира до сите до крај да ги испочитуваат мерките за претпазливост и соодветна заштита.

„Струмичкиот карневал“, кој е еден од препознатливите белези на градот, има вековна традиција, а од 1994 година Струмица е член на меѓународната асосцијација на карневалските градови – ФЕЦЦ, со што карневалот доби интернационален карактер и се вброи во картата на светските карневали. Во 1998 година беше домаќин на 18 Интернационален конгрес на ФЕЦЦ.

До 2019 година, на карневалот настапуваа околу 2.000 учесници од кои околу 600 од странство.

Во изминатите 20- тина години низ центарот на Струмица за време на карневалот продефилирале над 10 илјади карневалисти и делегации од Америка, Албанија, Аруба, Белгија, Бугарија, Грција, Црна Гора, Холандија, Хрватска, Италија, Ирска, Финска, Франција, Германија, Полска, Португалија, Русија, Словенија, Србија, Турција, Украина, Шведска и други земји.

Поголем број светски медиуми му посветиле внимание на карневалот во своите репортажи, а во 2017 година Министерството за економија по трет пат го прогласи за најдобра туристичка манифестација во Македонија. Во 2018-та година специјализираното списание на словенечкиот авиопревозник – „Адриа“ – „Во воздух“ – го вбри „Струмичкиот карневал“ во седумте највозбудливи зимски настани во Европа во импресивно друштво на градови како што се: Хаселт, Амстердам, Љубљана, Венеција, Минхен и Келн.

М.Т.