Наследник на Карл Лагерфелд, сепак, нема да биде неговата мачка, како што тврдеа заговорници меѓу неговите обожаватели, туку неговата верна помошничка, директорка на креативното студио „Шанел“, Вирџини Вилард.
– Долго време се познаваме и многу лесно ги преточувам неговите идеи во скици. Имаме седум работилници и годишно по осум колекции, но Карл ги води сите – изјави Вилард во едно скорашно интервју откривајќи дека со Лагерфелд си се обраќале со „ти“.
Тој, пак, во повеќе наврати ја нарекуваше своја лева и десна рака, без кои би бил хендикепиран.
Претходно се појавија гласини дека наследството ќе ѝ припадне на мачката на Лагерфелд, оти во едно неодамнешно интервју тој изјави дека „доколку законот дозволувал, би се оженил за мачето“.
Модниот дизајнер почина на 19 февруари, на 85-годишна возраст. Креативниот директор на „Шанел“ и самиот стана бренд благодарение на дрските забелешки, оригиналниот изглед и стил и, секако, неговата мачка Шопет.