Националниот музеј за американска историја „Смитсонијан“ собира транспаренти, постери и знаци што ги носеа демонстрантите при упадот во зградата на Конгресот во Вашингтон, во средата. Од следниот ден предметите почнаа да ги собираат куратори на музејот од Одделот за политичка и воена историја, пренесува „Артнет“.
„Спречете ја кражбата“, „Трамп победи“ се дел од рачно напишаните транспаренти што ги носеа приврзаниците на актуелниот претседател на САД во заминување, при упадот, кои ќе бидат дел од колекцијата на музејот.
Се претпоставува дека на уметничките дела во зградата на Конгресот не им е направена штета од насилните напаѓачи кои кршеле прозорци, уништувале опрема на медиуми и ја вандализирале канцеларијата на Ненси Пелоси, додека многу од предметите што ги оставиле може да завршат во музејот.
– Како институција, ние сакаме да собереме предмети и приказни кои ќе им помогнат на идните генерации да се сетат и да ги разберат 6-ти јануари и последиците од него – објаснува директорката на музејот Антеа Хартиг.