Непрофитната организација „Вошд ашор“ создава естетски импресивни уметнички дела од пластика собрана од океанот, со што ги едуцира луѓето низ светот за загадувањето на океаните со пластика и поттикнува позитивни промени во навиките на потрошувачите, се наведува на веб-страницата на оваа организација.
Користејќи пластичен отпад претходно собран за време на чистење на плажите, членовите на организацијата изработуваат големи скулптури на животни. Од основањето на организацијата „Вошд ашор“ (Измиениот брег) во 2010 година, овие скулптури беа изложени на разни настани, како на локално ниво така и како дел од патувачка изложба во многу градови. Сегашната колекција се состои од повеќе од 75 скулптури, од кои секоја има форма на животно и е направена од пластика пронајдена при чистење на плажите. Досега, повеќе од 10.000 волонтери беа вклучени во проектот, собирајќи и преработувајќи над 20 тони пластичен отпад.
Како дел од одбележувањето на десетгодишнината од „Вошд ашор“, оваа организација одлучи да се сврти и кон изработка на накит од океанска пластика, што дополнително ќе влијае на ширењето на свеста на граѓаните за проблемот со загадувањето на океаните.
Планот е сите собрани приходи да се инвестираат во покривање на оперативните трошоци на организацијата, како што е чистење на плажите.
Основач на организацијата и нејзин уметнички директор е уметницата Ангела Хазелтин Пози, а на тој чекор се реши во 2010 година, откако ги виде крајно разорните последици од лошото управување со пластичниот отпад во местото каде што живее таа. Во согласност со своите цели да му помогне на океанот да се ослободи од пластичните остатоци, таа го основаше „Вошд ашор“ и одлучи да ги едуцира локалната и глобалната заедница за важноста на проблемот и за итноста за негово решавање.
Во моментов се во тек неколку изложби за изложување на овие скулптури, во Орегон и во Флорида, а нивната изложба е планирана наскоро за уште неколку места во САД.