Фото: Игор Бансколиев

Утревечер младиот македонски пејач Давид Темелков кој веќе пет години гради успешна музичка кариера во Хрватска, ќе го промовира првиот албум „Дишам за нас“, што неодамна излезе и во Србија и во Хрватска, во издание на „Хит рекордс“ и „Сити рекордс“.

Промоцијата ќе се случи во „Сити хол центар“ (кеј Димитар Влахов бб), до МКЦ во Скопје, со почеток во 20 часот, а како што ни рече Давид, сѐ е веќе подготвено за овој голем настан ,за него, но и за сите што го поддржуваат.

– На промоцијата во живо ќе изведам и неколку песни од новиот албум, во придружба на музичари од Загреб, кои ме следат на моите настапи во Хрватска, а инаку се дел од бендот на Жељко Бебек. Инаку насловната „Дишам за нас“ е моја авторска песна, а на албумот повеќето мелодии се дело на Мирослав Рус, со кого одлично соработувам – ни откри Давид.

На промоцијата, ќе присуствува и неговата девојка, Далматинката Елена, со која веќе неколку години живее во Загреб и се разбира, неговите родители, сестра, роднини, пријатели, обожаватели. Ќе има и изненадувања, а најмногу од сѐ добри вибрации и позитивна енергија.

– Времето кое го споделуваме заедно е всушност креација на убави спомени кои траат вечно – вели Давид со желба и овој настан да им остане во убаво сеќавање на присутните.

Тој на пошироката јавност ѝ стана познат по учеството на регионалниот музички натпревар „Икс фактор“. Има уште неколку испити до доплмирањето на Музичката академија во Скопје, класа соло пеење, а во Загреб заврши академија за музички продуцент. 

М.Т.