„Силви бенд“ во неделата одржаа двочасовен концерт на балконот на својот дом во скопската населба Козле, по повод Велигден.
Нивните соседи, но и жителите на околните населби: Жданец, Трнодол, Нерези, Водно, Карпош, па и некои делови на Капиштец, уживаа во прекрасните нумери на „Силви бенд“, но и во светски хитови, евергрини и незборавни македонски песни. Насмеани и опуштени луѓето го следеа концертот од своите дворови, балкони, прозорци, снимајќи и танцувајќи.
Еден од своите најдолги аплаузи таа вечер, двојката Силви и Влатко го посветија на здравствените работници, за несебичната пожртвуваност во борбата против ковид-19.
Нивниот прв и најголем хит „Ангели ме носат“ ги допре срцата на сите, се сплотија во еден глас и една желба – здравје, љубов и мир секаде, во целиот свет, а сето тоа искрено им посакуваше и Силви по секоја песна.
Музичарите се посебно задоволни од овој спонтан концерт, и особено од силниот одек на социјалните мрежи. Влатко на шега додава дека се радува што идејата на Силви ја претворил во реалност, и дека вредело што до четвртиот кат, поточно до терасата на покривот на нивната куќа, ја носел и монтирал целата опрема од нивното студио, за да се добие посакуваната перфекција на овој концерт.
Силви и Влатко се среќни што успеале да обојат една музичка вечер на нивните соседи и не ја исклучуваат можноста за повторна музичка дружба наскоро.