„Бог го создаде човекот, но Семјуел Колт го направи еднаков“
Семјуел Колт е генијалецот што го осмисли најиновативниот револвер на своето време, ера што имаше големо значање во развојот на Соединетите Американски Држави, бидејќи неговите револвери се покажаа како главна алатка во создавањето на Дивиот Запад. Во 1836 година, Колт го патентира и произведе својот прв успешен револвер. По сугестија на Вокер, капетан на тексашките ренџери, и во соработка со Ели Витни, ја изградил својата фабрика во Хартфорд, која можела да произведувала големо количество оружје за потребите на војската, но и за обичните луѓе. Главното мото на неговата компанија „Бог го создаде човекот, но Семјуел Колт го направи еднаков“ станува легенда за љубителите на оружјето.
„Колт патерсон“ – првиот револвер што Семјуел Колт го патентира и произведува. Името го добил по градот каде што е произведен, но набргу го добил прекарот „тексас“ поради популарноста меѓу жителите на оваа република.
„Колт драгон“ – револвер од 1848 година произведен за потребите на американската армија. Револверот бил дизајниран како решение за големиот број проблеми со кои се соочил Семјуел Колт. Револверот се користел во текот на Американско-мексиканската војна и Американската граѓанска војна.
„Колт 1851“ – овој револвер е еден од најпроизведуваните модели, со околу 210.000 парчиња во САД и 42.000 парчиња во Велика Британија.
„Колт модел 1855“ – џебен револвер, кој се користел во текот на Американската граѓанска војна.
„Колт бунтлин“ – долга варијанта на револверот „колт сингл екшн арми“. Според традицијата, овој револвер бил користен од страна на легендарниот Вајат Ерп.
„Колт сингл екшн арми“ – познат и како
„миротворецот“, создаден е за потребите на американската армија. Револверот има култно значење меѓу љубителите на оружјето и Дивиот Запад.
Неизбежен детаљ во вестерн-филмовите
Вестерн-филмовите најчесто го екранизираат периодот од 1865 година до почетокот на 20 век, а во нив најчесто се тематизира дивината на западниот дел на САД, ловци и трапери, судирот помеѓу американското домородно население со доселениците, војните против Индијанците, судирот помеѓу одметниците и шерифите – претставниците на законот, судирот помеѓу фармерите и сточарите и сл. Честопати се претставени легендите на Дивиот Запад – Вајат Ерп, Бафало Бил, Док Холидеј, Били Кид, Дивиот Бил Хикот. Поради тематиката, револверите на Семјуел Колт станаа неизбежен детаљ во вестерн-филмовите.