Членовите на семејството на Боб Марли снимија нова верзија на неговата легендарна песна „One Love“, како поддршка на напорите на УНИЦЕФ за создавање подобар и поправеден свет за децата, чии животи пандемијата на ковид-19 ги преврте наопаку.
Дискографските куќи „Таф гонг интернешенел“ и „Еплифајд мјузик“ денеска ќе ја објават новата верзија на песната. Целиот приход од нејзината слушаност и од поврзаните активности директно ќе ја поддржат глобалната кампања на УНИЦЕФ насловена „Реимеџин“, чија цел е да спречи пандемијата на ковид-19 да се претвори во трајна криза за децата и да се погрижи светот по надминувањето на глобалната криза да биде подобро место за живеење за секое дете.
Исто така, познатиот бренд за накит „Пандора“, партнер на многу кампањи на УНИЦЕФ, двојно ќе ја зголеми секоја донација поврзана со „One Love“, додека не се достигне вкупниот износ од еден милион американски долари.