Секој ден допираме стотици милиони вируси, а многу од нив прават добро бидејќи ги инфицираат другите организми, кои во спротивно би биле штетни за луѓето. Вирусологот од универзитетот „Бритиш Колумбија“, Куртис Сутли, изјави дека истражувањата потврдиле дека повеќе од 800 милиони вируси се сместуваат во секоја четвртина метар на земјата секој ден, а дека во лажичка морска вода обично има повеќе вируси отколку кај луѓето во Европа.
– Повеќето од нас проголтуваат повеќе од милијарда вируси секогаш кога пливаат – вели Сутли, а пренесува порталот „Индекс“.
Иако нивните почетоци се неразјаснети, вирусите оставиле трага врз речиси целиот живот на Земјата, вклучувајќи го и човечкиот. Околу осум отсто од човечките геноми се со вирусно потекло, односно остатоци од предамнешни вируси што нѐ инфицирале.
Сепак, нивната приказна почнува пред човечката.
– Мислиме дека вирусите се тука од самиот почеток – вели Сутли.
Повеќето вируси ни го привлекуваат вниманието бидејќи поради нив се разболуваме. Од САРС во почетокот на овој век преку еболата во западна и средна Африка до денешната епидемија со новиот коронавирус, заразните вирусни болести се сѐ пораширени. Но има и добри вируси.
– Речиси сите вируси за луѓето се всушност безопасни – вели вирусологот од универзитетот „Кејптаун“ Ед Рибицки.
Многу од нив ни прават и добро затоа што ги инфицираат другите организми што се штетни за луѓето. Покрај тоа, од ослабените вируси се прават вакцините, а во медицината се развива нов метод на лекување рак со инјектирање вирус во канцерогените клетки.
Рибицки поголем дел од својот професионален живот го поминал обидувајќи се да проникне во тајните на вирусите и тврди дека ги има многу повеќе.
– Тие се најразновидни организми на планетата и ги има повеќе отколку што било друго, а ние и натаму едвај нешто знаеме за нив – вели вирусологот.