Јова Радевска, Македонка со кариера во Англија
Јова Радевска е Македонка, по потекло од Богданци, која веќе 15 години живее и работи во Лондон. Трпеливо, чекор по чекор, таа се избори за свое место на тамошната музичка сцена и сега по многу настапи, соработки и реализирани проекти може да биде горда дека е на вистинскиот пат да го оствари својот сон и да стане познато музичко име во Англија и пошироко. Заедно со Марк Вернон, со кого настапува под заедничкото име „Јова“ („Yova“), го издаде албумот „Nine lives“ (Девет животи), во чие снимање учествуваа десетина врвни светски музичари.
Дали новиот албум „Nine lives“ е ваше созревање, наоѓање на сопствениот пат во светот на музиката?
– Албумот е кулминација на сето она што го научив во текот на годините од луѓето со кои соработував. Речиси сите текстови се биографски дела и секој раскажува една моја лична приказна. Тука стигнав како 18-годишно девојче, полно со амбиции да го освои светот. Во Лондон се запишав во музичкото училиште „Вокал тех“ и таму ги запознав моите први музички соработници, со кои во 2007 година го издадовме мојот прв албум „Hourglass Diary“. Потоа издадов песни во музичкиот стил ЕДМ, кои имаа голема поддршка од Би-би-си радиото, а во 2017 издадовме песна и за големата издавачка куќа „Јуниверзал мјузик Френс“.
Соработувавте со врвна екипа, ќе ни претставите ли некого од неа?
– Со мојот соработник Марк Вернон, поранешен менаџер на ПЏ Харви и Џон Кејл од „Велвет андерграунд“, работевме на албумот повеќе години. Всушност јас ги пишував текстовите, а Марк музиката. Тој со неговиот поранешен музички ангажман беше во можност да ја донесе креативноста на Роб Елис („Плацебо“, ПЏ Харви, Ана Калви), кој ги аранжираше повеќето песни на албумот. Гитарата на Дејвид Родс, кој соработувал со Питер Габриел, е впечатлива во нашите песни „Rain“ и „You’re the Mirror“. Педал-стил гитарата на „Where There Is Smoke“ е на БЏ Кол („РЕМ“, „Д Врв“, Стинг). Виолината, пак, е на Ана Фиби („Рокси мјузик“), тапаните на Алекс Томас (Ана Калви, Џон Кејл). Проектот беше миксиран од наградениот со „греми“ Камерон Креиг, кој работел на албуми на големи музички ѕвезди: Бјорк, Адел, Ени Ленокс, Грејс Џонс, Ејми Вајнхаус…
Дали би издвоиле некоја од песните на албумот?
– Сите песни ги сметам за мои деца, но бидејќи емотивните мелодии ми лежат најмногу, „An Innocent Man“ е песната на која ѝ се навраќам повторно. Таа не е баш биографско дело, зборовите сосема случајно излегоа од мене, откако го прочитав бестселерот „Да се убие птицата подбивница“ на американската писателка Харпер Ли. Аранжманот на музичарот Роб Елис ја претвори во дело со музичка кутија, која е симбол на детската игра и е впечатлива на почетокот и на крајот на песната. Направивме за неа и анимирано видео со прекрасната Џес Коп, соработничка на филмскиот режисер Тим Бартон.
Какви беа критиките во музичките списанија за новиот албум?
– Имавме многу добри критики на албумот од двете најголеми музички списанија во Англија: „Моџо“ и „Електорник саунд“. Успеав да најдам една копија од „Моџо“ на аеродромот во Лондон и го донесов дома во Македонија за моите родители.
Речиси секоја песна од албумот има и спот. Има ли некоја интересна приказна поврзана со нивната реализација?
– Снимавме во Лондон, во областите Лејк дистрикт и Довер, а имаме и една анимација. Исто така, музичкото видео за „Moondog“ (првата песна на албумот) беше направено со апарат за црно-бел филм и сликите се развиваа. Јас не требаше да се движам воопшто во текот на сликањето. Сепак, режисерот рече дека многу мало движење се остварува кога се спојуваат фотографиите. На тој начин беше направено музичкото видео, претежно со фотографии, не дигитални, туку направени со стари фотоапарати. Цвеќето во видеото беше ставено во вазна, па преместено во замрзнувач каде што беше наполнето со вода. Режисерот го снимаше одмрзнувањето на цвеќето од мразот речиси два дена и сѐ беше направено на најуникатен начин.
Колку години музичка активност беше потребна во Велика Британија и пошироко за да дознаат која е Јова?
– Во Англија творам од 2002 година. Мојот прв албум „Hourglass Diary“ излезе во 2007 година, а подоцна почнав да објавувам песни во електронскиот стил на музика. Најпрво со шведската издавачка куќа „Спирит соул рекордс“, па потоа и со „Јуниверзал мјузик Френс“. Со издавање песни во овој стил добив голема поддршка. И покрај тоа што ми претставува големо задоволство да објавувам песни во овој стил, јас сѐ уште работам на нумери во фолк и соул-стил, впрочем таму беа и моите почетоци.
Дали и покрај пандемијата периодов настапувавте?
– Во текот на пандемијата беа забранети настапи во Англија, а кога пред неколку месеци сѐ се отвори, сега е полесно за живи свирки, па планираме настапи за време на новогодишните празници во Лондон за промоцијата на новиот албум. Би било супер да настапиме со новиот материјал и во Македонија, па и на фестивали и во клубовите.