Група руски дипломати и нивните семејства ја напуштиле Северна Кореја на многу необичен начин, со рачно управувана количка на шини на железница. Осум лица патувале со воз и автобус пред да ја преминат руската граница, патувајќи со рачно управувана количка на шини околу еден километар, пренесуваат светските медиуми.
Северна Кореја го блокирала скоро целиот сообраќај на патници за да се ограничи ширењето на коронавирусот. Земјата тврди дека не потврдила ниту еден случај на инфекција, но набљудувачите го оспоруваат ова тврдење.
Од почетокот на минатата година забранет е влез или излез од земјата со железница. Прекинати се и повеќето меѓународни патнички летови. Руските граѓани, според тоа, немале многу избор.
– Бидејќи границите се затворени повеќе од една година, а сообраќајот на патници е прекинат, патувањето кон дома е долго и тешко – објави руското Министерство за надворешни работи на Фејсбук.
Фотографија објавена од Министерството покажува луѓе во рачно управувана количка на шини, со куфери среде зимски пејзаж.
Главен „машиновозач“ бил третиот секретар на руската амбасада, Владислав Сорокин, кој возел количката на шини преку железничкиот мост преку реката Тумен кон Русија, објавило Министерството.