Според „Форбс“
Пејачката Ријана официјално стана милијардерка, благодарение на нејзиниот бренд „Фенти“, кој комбинира козметички производи, како и долна облека, а неодамна објави пуштање во продажба и на парфеми во истата линија, објави „Форбс“. Ријана се прослави благодарение на нејзината музика, по што се обиде во актерството и започна бренд за долна облека, кој сега вреди 1,7 милијарда долари.
Како што пишува „Форбс“, таа стана најбогата музичарка во светот, а зад неа се наоѓа Опра Винфри како најбогата жена во шоу-бизнисот. Забележано е дека поголемиот дел од нејзиното богатство доаѓа од немузички бизниси, главно од нејзините брендови „Фенти бјути“ и „Савиџ екс фенти“. Ријана, позната по песните „Umbrella“, „Only Girl“ и „Work“, е една од најпродаваните музички уметници на сите времиња. Има освоено девет награди „греми“, 13 американски музички награди и 12 музички награди „билборд“. Но во последно време таа го одвлече вниманието од музиката и се фокусира на својот бренд за убавина.
Брендот „Фенти бјути“, во кој Ријана ја дели сопственоста со француската луксузна компанија ЛВМХ, беше лансиран во 2017 година и беше хит во првата година од своето постоење, носејќи повеќе од 550 милиони долари годишен приход. „Савиџ екс фенти“, кој беше лансиран во 2018 година и е заедничко вложување со „Тек стајл фешн груп“ (Ријана има 30 отсто сопственост на акциите), заработи финансиски средства од 115 милиони долари претходно оваа година, со што вредноста на брендот достигна една милијарда долари. Планот е средствата да се искористат за отворање продавници на „Савиџ екс фенти“.