Овој викенд во редовна дистрибуција во 520 кина во САД пристигнува новиот филм „Пеперуга“, кој во текот на 2016 година се снимаше во Црна Гора, Србија и на Малта. Станува збор за екранизација на мемоарската книга на Французинот Анри Чарие (1906 – 1973). Претходната адаптација стана филмски класик во режија на Френклин Шафер, а главните улоги ги толкуваа Стив Меквин и Дастин Хофман.
Во фокусот на приказната е затвореник што ја отслужува казната на далечен остров, од каде што планира да избега. Новата верзија ја режираше младиот дански синеаст Мајкл Ноер, кој го привлече вниманието со филмот „Северозапад“ во 2013 година. Автор на новото сценарио е Арон Газиновски.
Во новиот филм главните улоги им се доделени на Чарли Ханам („Синови на анархијата“, Изгубениот град З“, „Кралот Артур“…) и Рами Малек („Господин робот“, „Ноќ во музејот 2“, „Желба за брзина“, а ќе го гледаме и во главната улога во биографскиот филм за Фреди Меркјури). Споредните улоги ги толкуваат: Том Фланаган, Ив Хјусон, а настапуваат и некои српски глумци – Нина Сеничар, Горан Навојец, Драган Мичановиќ, Оља Хрустиќ… Костимографка е Бојана Никитовиќ, а српски партнер е продуцентската куќа „Ворк ин прогрес“.