Легендарниот југословенски и светски актер Раде Шербеџија оваа година ја завршува со нов албум „Не окречи се сине“ во издание на „Кроација рекордс“. Насловната фотографија на албумот е дело на Милица Черни Урбан.
Паузата додека нема снимања на филмови овој голем уметник ја искористи за реализација на нов музички материјал. Новиот студиски албум на познатиот актер, поет и музичар е врвно музичко достигнување што ни доаѓа како подарок за крајот на оваа предизвикувачка година.
Најавен со хитот „Ето пјесме“, кој го напиша Хусеин Хасанефендиќ од „Парни ваљак“, Шербеџија албумот го сними со екипа одлични музичари. На новиот албум, Шербеџија го остава и својот авторски потпис, посветувајќи му ја песната „Шехерезада“ на познатиот словенечки театарски режисер Томаж Пандур, чие предвремено заминување пред четири години ја погоди културната сцена на овие простори. Аранжманот за неа го направи познатиот македонски музичар Диран Тавитјан.
На албумот има и две соработки. Со Габи Новак и Матија Дедиќ во песната на Арсен, „Од како те не волим“, и „На нешто ме сјеќа тај град“, која Раде Шербеџија ја отпеа заедно со авторот на песната – Дарко Рундек. Насловната фотографија на албумот е дело на Милица Черни Урбан.
„Шербеџија е сериозен феномен веќе со децении, па го искористи новиот албум „Не окречи се, сине“, за во шансониерски тон да испрати важни пораки.
– Албумот има и неколку потемни песни, кои дополнително ја драматизираат сериозната ситуација. Основниот впечаток по преслушувањето на албумот е дека Шербеџија не се збогува, туку им простува на другите, со низа песни што рефлексивно гледаат на поминатиот пат. Понекогаш општо, понекогаш конкретно, но меѓу редови, има јасна порака за расчистување на сметките со зрелоста – напиша во рецензија на албумот, угледниот хрватски критичар Хрвоје Хорват.