Македонскиот музичар и композитор Дуке Бојаџиев, на 27 октомври, во 23 часот, ќе настапи во концертно издание за „Вајн експо“ на плоштадот „Македонија“, а на 28 октомври, со почеток во 20 часот, во ноќниот клуб „Станица 26“ ќе се одржат промоција и јавно преслушување на неговиот најнов студиски албум, со наслов „Синергија“. Албумот содржи 10 музички нумери. „Синергија“ само пред неколку дена официјално се појави на сите центри за дигитална дистрибуција, како Спотифај, Епал мјузик…
– Станува збор за модерна фузија на филмска и електронска музика, зачинета со елементи на фламенко, црковно пеење од 12 век во Германија и индиски изворни мотиви, кои создаваат терапевтска атмосфера. Инспирирано, напишано и продуцирано во Њујорк, градот каде што сите култури, истории и цивилизации се вкрстуваат, сето тоа видено низ една моја перспектива, како електроакустична фузија на целото мое досегашно музичко и животно искуство. Почетоците на некои песни се зачнати уште пред повеќе од 10 години, но финалните аранжмани и продукција ги финализирав во изминативе три години. Сите 10 песни се снимени, продуцирани и миксани во моето студио во Њујорк – изјави Бојаџиев.
Од вокали на албумот најприсутен гостин е Ишмаел Фернандез, на 6 песни, интернационално етаблиран фламенко-пејач од Андалузија, Шпанија, четврта генерација фламенко-пејач од познатата фамилија Фернандез, а ова му е прва соработка надвор од водите на традиционалната фламенко-музика.
Даниела Тошиќ е пејачка со потекло од овие простори, која долги години живее и работи во Бостон. Специјализирана за пеење на црковна музика од 12 до 15 век, Даниела е една од ретките во светот што до совршенство ја негуваат и изведуваат музиката на Хилдегард вон Бинген (1098-1179 г.), првата жена композитор запишана во аналите на историјата. Даниела е вокална гостинка на три песни.
На една песна, „A Moment of Happiness“, гостува индиската пејачка и актерка Прија Даршини, која целиот живот го негува традиционалното индиско пеење, а по голема кариера во Индија се доселува во Њујорк, каде што работи на интернационалната сцена. На истата песна таа е придружена од холивудскиот актер, легендарниот Иан Букенан, со нарација на парче поезија од Руми. Неговиот глас беше многу присутен во албумското издание „Love is The Way“ на Бојаџиев, од каде што и почна нивната соработка.
Влезот за промоцијата е слободен.