Во Општина Аеродром сѐ уште се во тек разговори за изградбата на објектот кај „Мајчин дом“ за да се најде решение, како што велат оттаму, во интерес на граѓаните.

Обесштетувањето на инвеститорот, како што наведуваат, е неразумно бидејќи ќе предизвика крах на општинскиот буџет, а за давањето заменска парцела општината е доведена во незавидна позиција бидејќи со донесениот ДУП во Аеродром нема друга соодветна парцела.

-Разговорите во однос на изградбата на објектот кај „Мајчин дом“ се сѐ уште во тек. Се прави сѐ да се најде решение во интерес на граѓаните. Општината и градоначалникот Златко Марин остануваат на ставот дека тука не треба да се гради. Во изминатите две недели заедно со другите институции и Град Скопје се разгледуваат сите можни опции – изјави градоначалникот Златко Марин.

Во соопштението од општината се појаснува дека, како што беше најавено, прво се бараше друга парцела, односно заменска парцела, каде што инвеститорот би можел да гради. Притоа, наведуваат, разгледани се сите можностите во општината, односно парцели во помалку урбанизираните делови од Аеродром, а во соработка со Град Скопје и Министерството за транспорт е барано решение и надвор од територијата на Аеродром.

– Проблемот, наведуваат од општината, е што минатото раководство на Аеродром, како што јавноста добро знае, направи измени во ДУП со кој впиша голема маркица за градба и со тоа цената на земјиштето вртоглаво пораснала. Сега, во Аеродром немаме ни одблиску друга соодветна парцела што може да ја замени оваа. Со носењето на ДУП нанесена е огромна штета и ја доведува општината во оваа незавидна позиција.

Во однос на втората можност е да се направи обесштетување, наведуваат, дека се прават процени и во општината и кај самиот инвеститор.

– Од досегашните анализи, сумите се огромни. Само за трошоците за земјиште и комуналии треба да му се вратат околу 5,5 милиони евра. Дополнително, инвеститорот ќе бара отштета за досегашни инвестиции, за одржување и кредити кои според информациите што тој ги пласира во јавноста се многу високи. Доколку се оди во насока на обесштетување, инвеститорот би можел да побара сума и двојно поголема од првичните 5,5 милиони евра. Ова би значело комплетен крах на буџетот на Општина Аеродром и огромни штети за граѓаните на нашата општина. Ваквото решение би било многу неразумно бидејќи ќе се доведе во прашање реалзицијата на сите проекти, но и тековното работење – истакнуваат од Општина Аеродром.

Во меѓувреме, Општина Аеродром, како што наведуваат, е во исчекување на одлуката од Уставен суд, каде што се поднесени 13 претставки за ДУП И10, што ја опфаќа парцелата кај „Мајчин дом“.