Првиот автономен електричен товарен брод наречен „Јара Биркеланд“ го направи своето прво патување во Норвешка. „Биркеланд“ пловел 14 километри од градот Порсгрун до пристаништето Бревик, соопшти компанијата „Јара“.
„Јара“, како производител на ѓубрива, годишно прави 40.000 возења со камиони како дел од транспортот на своите производи до пристаништето Бревик за извоз. Товарниот брод ќе ги замени камионите од следната година, со што ќе се намали емисијата на јаглерод за 1.000 тони.
Работењето на бродот долг 80 метри започна во 2017 година, тој е дизајниран да пренесува до 103 контејнери, а се напојува со батерија од седум мегават-часа. Максималната брзина е 15 јазли, а технологијата е производ на компанијата „Енова“, која промовира искористување на обновливите извори на енергија. Сензорите на бродот можат да детектираат објекти како кајаци, а интеграциите за автономни операции биле обезбедени од компанијата „Конгсберг“. Во иднина, бродот ќе може самостојно да товари и да истовари товар, да ја менува батеријата и да се движи без човечка интервенција.
Бродот од следната година ќе прави две патувања неделно со екипаж. Самопловечката технологија ќе се тестира две години, по што бродот ќе добие сертификат и ќе биде отстранет мостот за екипажот.
Компанијата „Јара“ е еден од најголемите емитери на јаглерод во Норвешка и планира да произведува т.н. зелен амонијак. На овој производител на вештачко ѓубриво му треба многу амонијак, чие производство сочинува нешто повеќе од еден процент од глобалните емисии на стакленички гасови. Тие сакаат да го користат својот зелен амонијак како гориво за бродовите.