По кратко боледување на 89-годиншна возраст почина Џон ле Каре, прославениот британски писател на шпионски романи, изјавил неговиот издавач Џони Гелер.
Ле Каре напиша 25 романи од кои „Скитник, кројач, војник, шпион“ и „Шеф на ноќна смена“ станаа светски бестселери и според кои се снимени филмови и серии.
Роден како Дејвид Корнвел во 1931 година, студирал во Берн и во Оксфорд пред да ја почне својата кариера во британските разузнавачки служби. Во првиот свој роман „Повик за мртвите“ објавен во 1961 година, го претставува својот лик Џорџ Смајли, по што почнал да пишува под псевдонимот Џон ле Каре. Светска слава стекнал со третиот роман „Шпионот кој дојде од студот“, од кога и целосно се посветил на пишувањето.
Многумина негови колеги-автори му оддадоа почит, а Стивен Кинг го нарече „литературен џин и хуманитарен дух“.
Роберт Харис, писател на историска фикција, изјави дека Ле Каре кој го одбележа светот на шпионите на Студената војна, беше „еден од најголемите повоени британски романсиери“.
Неговото последно дело „Наследство на шпионите“ излезе од печат во 2017 година.