Познатиот американски сценарист и добитник на два „оскар“, Вилијам Голдман, почина во саботата во Њујорк на 88-годишна возраст, како последица на рак на дебелото црево и на воспаление на белите дробови, соопшти неговото семејство. Голдман доби „оскари“ за оригинално сценарио за филмот „Буч Касиди и Санденс Кид“ и за адаптирано сценарио за „Сите луѓе на претседателот“.
Меѓу другите негови попознати сценарија се и оние за „Маратонец“, „Мизери“, „Непристоен предлог“, „Далечен мост“, „Големиот Валдо Пепер“ и „Харпер“.
Голдам беше роден њујорчанец, кој не сакаше да живее и работи во Холивуд и во градот на филмот одеше само на кратки разговори со режисерите и со продуцентите. Тој себеси се сметаше за романописец, инсистирајќи на високи уметнички достигнувања во неговите сценарија.