Туризмот помага во спречувањето нелегални активности
„Туризам за инклузивен развој“ беше темата на годинашниот Светски ден на туризмот. Овој меѓународен ден ги истакнува социјалната, културната, политичката и економската вредност на туризмот и неговиот придонес кон постигнување на целите за одржлив развој.
Токму туризмот е еден од начините за следење и откривање нелегални активности во високопланинските предели. Според истражување на здружението „Натура МК“, зголемениот број посетители во заштитените подрачја помогнал да се намали бројот на нелегални активности.
– Според мислењата и на стручните лица и на локалното население, ова е мерка што позитивно влијае на намалувањето на нелегалниот лов, па и на други нелегални активности во високопланинските предели на заштитените подрачја. На пример, во националниот парк Галичица е забележано дека во последните две години, поради зголеменото присуство на туристи, на Стара Галичица, кон врвот Магаро, нема веќе случаи на лов на дива коза со пушка – велат од „Натура МК“.
Сепак, оттаму предупредуваат дека бројот на посетители треба да соодветствува со капацитетот на подрачјето за да се избегне потенцијално загрозување на живеалиштата на локалните животни поради прекумерен туризам.
– Одговорниот, односно екотуризмот помага во заштитата на природата преку едукацијата што се прави на посетителите.
Но туризмот во заштитените подрачја колку што може да биде корисен, може и да штети. Имено, прекумерниот туризам, особено масовниот туризам, пак, може негативно да влијае на заштитата, односно да предизвика вознемирување на дивите видови, па и да го загрози опстанокот на некои видови. Затоа е многу важно да се внимава на видот туризам што се практикува, односно посетителите да бидат соодветно информирани за значењето на заштитеното подрачје – посочуваат од „Натура МК“.
Одличен пример за тоа како граѓаните може да помогнат во откривањето нелегални активности е и случај што го посведочиле од велосипедскиот клуб „Еко дром“ од Охрид. Негови членови во неколку наврати во строго заштитените зони на националниот парк Галичица, при рутински тренинг, наишле на поставени замки наречени „примки“, кои служат за лов на диви животни. Тие ги отстраниле, а за случајот усно пријавиле до надлежната служба на националниот парк Галичица.
Од „Еко дром“ Охрид ги охрабруваат граѓаните да пријавуваат нелегални активности, со цел да се зачува природното богатство во регионот.
Националниот парк Галичица, пак, е првата ваква институција што одлучи својот приход целосно да го црпи од туризмот. Тие во изминативе години имаат воспоставено свој принцип за пријавување нелегални активности од страна на посетителите.
Кога станува збор за високопланинските предели во ова заштитено подрачје, како можни недозволени дејства, надлежните од паркот ги посочуваат несоодветното фрлање цврст и друг отпад, прошетка надвор од обележана патека, палење оган на недозволена локација и слично.
– Посетителот што би забележал вакво нелегално дејство во паркот може да го пријави преку повеќе начини, и тоа на веб-страницата со телефонски броеви на информативните центри во Охрид и во Преспа, како и со поважни телефонски броеви (полиција, планинарска служба, пожарна и сл.) и мобилна апликација за андроид и за иОС со истите можности. На официјалната фејсбук-страница на националниот парк преку објавување на пријавата на ѕидот на страницата или преку опцијата за испраќање пораки во инбокс – појаснуваат од НП Галичица.
На крајот, останува можноста и за лично пријавување во просториите на националниот парк Галичица во Охрид или во Стење. Поради тоа што паркот располага со седум чувари, оттаму истакнуваат дека секоја пријава од посетител или жител на паркот е од големо значење за установата во справување со несакани и недозволени дејства.
Сепак, надлежните признаваат дека нивната чуварска служба не е доволно обучена да ги информира граѓаните за можностите што ги имаат за постапување во случај кога ќе забележат недозволено дејство низ НПГ. Затоа, во согласност со Стратегијата за еколошка едукација, планираат во наредниот период да посветат поголемо внимание на обука на чуварите на паркот за поддршка на посетителите.