На вечно зелените макфестовски песни, кои сѐ уште живеат и со задоволство се слушаат, ќе нѐ потсетат: Мики Јовановски-Џафер, Дарио, Лидија Кочовска, Олгица Христовска, Трајче Манев, Џина Папас-Џокси, групата „Интервали“ и Ристо Самарџиев
Почнува 35-то издание на „Макфест“
Вечерва на плоштадот „Слобода“ во Штип, првпат под ведро небо, во придружба на ревиски оркестар со кој ќе диригира маестро Љупчо Мирковски, со изведба на 16 познати фестивалски хитови, ќе биде одбележан големиот јубилеј – 35 години на „Макфест“.
– „Макфест“ е бренд, кој на македонската популарна музика ѝ остави во наследство над 1.000 композиции и наедно останува најголем промотор на музиката уште од своите почетоци, па до денес – вели организаторот на фестивалот, Општина Штип.
На плоштадот се очекува да има околу 400 места на двете фестивалски вечери, распоредени во согласност со здравствените протоколи. Новинарите ќе имаат посебно место, до сцената, кое ќе биде еден вид прес-центар.
– Секој изведувач ќе биде достапен за изјава, а сите други активности ќе бидат во координација со лицата од прес-центарот. Апелирам сите да помогнеме за поуспешно одржување на фестивалот, да се заштитиме себеси, да ги заштитиме другите и секако „Макфест“, како бренд што одамна ги надмина нашите граници. Да покажеме дека знаеме и можеме да направиме манифестација каква што заслужува овој град – вели Драган Ристов од „Макфест“.
Единствен предизвик се временските услови и организаторите се надеваат дека тие нема да го попречат одржувањето на фестивалот на отворено.
– Годинашното роденденско издание на „Макфест“ поради актуелната пандемија на коронавирусот претрпе многу измени, но мене, како уметнички директор на фестивалот, еве, трета година едноподруго, ми е драго што и покрај сѐ, тој ќе се одржи и повторно ќе понуди богата и квалитетна програма.
Стилски и овој пат фестивалот ќе звучи шаренолико, а на сцената ќе има и дебитанти, млади пејачи и автори, и веќе докажани имиња. Годинава наместо три дена фестивалот ќе трае два и терминот е поместен поради временските услови, но покрај сите мерки на безбедност се надевам дека сѐ ќе мине во најдобар ред – вели уметничкиот директор на фестивалот, Владимир Дојчиновски-Дојчин.
На првата, ревијална вечер, на вечно зелените макфестовски песни, кои сѐ уште живеат и со задоволство се слушаат, ќе нѐ потсетат: Мики Јовановски-Џафер, Дарио, Лидија Кочовска, Олгица Христовска, Трајче Манев, Џина Папас-Џокси, групата „Интервали“ и Ристо Самарџиев, без конкуренција најнаградуваниот пејач и автор на овој фестивал. Утревечер е втората, натпреварувачка фестивалска вечер на која ќе настапат 24 учесници. Ќе ги слушнеме новите песни на: Полина, Лара, Филип Божиновски, Виктор Апостоловски, Филип Јорданов, групата „Ај кју“, „Димитар Андоновски“, Биба Додева, Дац и Александар, групата „Нокаут“, Ѓоко Танески, Наде Талевска…
Годинава ќе се пее на плејбек, исто така поради мерки за претпазливост. Инаку, ова нема да биде првпат да не се пее во живо на „Макфест“, бидејќи тоа се случи и во 1990-тите години. Причина за ова, според техничкиот раководител Кирил Панајотов, е заштитниот фактор, односно неможноста да се менуваат 24 микрофони.
– Според протоколот за заштита, потребен е посебен микрофон за секој изведувач. Не постои таква техничка можност и затоа одиме на плејбек, додека првата вечер, на ревијалниот дел, имаме осум изведувачи и тоа е изводливо – објасни Панајотов.
По завршувањето на натпреварувачкиот дел, додека публиката гласа, присутните ќе го проследат шоуто на Гуру Харе и на Игор Џамбазов, кој го освои второто место од публиката на „Макфест“ во 1992 година со песната „Време за плачење“, на авторите Томислав Которчевиќ и Топе Поп Симонов. Сѐ уште се прераскажува неговиот гест по примањето на наградата, кога статуетката „кристален прстен“ му ја врачи на тогашниот македонски претседател Киро Глигоров, кој беше во публиката.
Инаку, годинава, победниците ќе се изберат со збир од гласовите на публиката и на жирито, чии членови нема да се откријат до сабота, за да се избегне можноста за интервенции. Наградите остануваат исти како и претходните години, 5.000 евра за прво место, 3.000 за второ и 1.000 евра за трето место. Ќе се доделат и наградите за најдобра аранжман, за најдобар сценски настап и за дебитант во висина од 500 евра, но овој пат нема да се додели наградата за најдобра интерпретација бидејќи фестивалот ќе биде на плејбек. Годинава, поради коронавирусот ќе ги нема ниту традиционалниот коктел и сечењето торта за победниците. Македонската телевизија како и сите изминати години ќе врши директен пренос од двете фестивалски вечери, со почеток во 20.30 часот, а водителка ќе биде Марјана Станојковска
И композиторот Григор Копров меѓу пејачите
Куриозитет на фестивалот е тоа што меѓу пејачите ќе биде познатиот македонски композитор Григор Копров, кој исто така годинава прославува јубилеј – сите 35 години учествувал на „Макфест“ со своја песна, па токму затоа одлучил со овој свој гест и тој на некој начин да му се оддолжи на фестивалот, кој, како што вели, е многу значен за неговото творештво. Тој настапува 19-ти, а ќе ја отпее баладата „Ако вечерва пушти солза“, за која тој ја напиша музиката и го направи аранжманот, а текстот е на С. Стојанов. Сите што добро го познаваат велат дека Григор Копров, освен што е одличен композитор, е и добар пејач, па останува и слушателите на годинашното макфестовско издание да се уверат во тоа.