Недостигот од човечка бучава им овозможува на оние што се занимаваат со проучување на движењата во океаните да регистрираат повеќе информации, а притоа да научат повеќе за движењата во кората на Земјата
Поради пандемијата на коронавирусот дојде до големи нарушувања во нашиот секојдневен животи, забавувајќи ги економските процеси и, интересно, придвижувањето на нашата планета, пишува списанието „Нејчр“. Истражувачите што го проучуваат движењето на Земјата велат дека во последните неколку недели е забележано намалување на сеизмичката бучава. Сето тоа се должи на намалувањето на транспортната активност и на движењето воопшто. Една цела мрежа престана со работа, јавниот транспорт е затворен во многу делови на светот, луѓето не патуваат на работа, туку работат од дома, авионите не летаат…
-Тишината што и самите можете да ја забележите ако сте жител на градско подрачје или живеете во близина на некоја сообраќајница, се чувствува и во кората на Земјата. Толку што детекторите можат да следат со многу поголема точност, дури и најмал тресок, како и вулканска активност и други сеизмички движења – објаснува белгискиот сеизмолог Томас Лекок, кој прв го забележал падот на бучавата.
Исто како што природните движења, како што се земјотресите, влијаат на Земјината кора, на истиот начин влијаат и сите вибрации што се создаваат со возилата во движење и со индустриските постројки.
– Иако поединечните влијанија се занемарливи, тие заедно создаваат значително количество бучава во заднината, што ги намалува обидите на сеизмолозите да забележат други сигнали на истите фреквенции – вели Лекок.
Доколку продолжи ограничувањето на движењето, детекторите што инаку се позиционирани во градовите ќе можат полесно да ја идентификуваат локацијата на копнените потреси, односно ќе биде полесно да се пресмета каде потресите ќе бидат најсилни во однос на епицентарот.
– Сигналите ќе бидат придружени со помалку бучава, што ќе ни овозможи да прочитаме малку повеќе информации од секое движење, кое инаку не можеме да го забележиме – вели сеизмологот Енди Фрасето.
Недостигот од човечка бучава, исто така, им овозможува на оние што се занимаваат со проучување на движењата во океаните да регистрираат повеќе информации, а притоа да научат повеќе за движењата во кората на Земјата.