Со сирење, шунка, печурки, зеленчук, туна, ананас… денес можеме да приготвиме пица со безброј додатоци, на различни начини. Пред неколку дена, на 9 февруари, се одбележи Светскиот ден на пицата. Може да се каже дека пицата во својата прва форма потекнува од 19 век, од Неапол. Луѓето приготвувале торта со сос од домати и малку рендано сирење за ужина. Каква што ја знаеме денес е создадена во 1889 година, а оригиналниот рецепт – сос од домати, моцарела, оригано и босилек – се менува во зависност од културата.
Така, во Јапонија сакаат да додаваат лигњи и мајонез, на Хаваите ставаат ананас, а новитет е кивито како додаток.
Иако се смета за нездрав оброк и просечната енергетска вредност на две големи парчиња пица е приближно 744 калории, експертите откриле дека јадењето пица еднаш неделно го намалува ризикот од рак, пред сѐ благодарение на сосот од домати, кој содржи ликопен, веројатно најсилниот антиоксидант, и на сирењето, кое содржи калциум и калиум.
Најголемата пица е направена во Јоханесбург во 1990 година. За да се направи пицата биле потребни 500 килограми брашно, 800 килограми сирење и 900 килограми сос од домати. Била широка дури 37,4 метри.
Овој рекорд беше надминат од страна на еден американски сопственик на ресторан 15 години подоцна. Со помош на 200 луѓе, тој направи пица во која имаше 1.800 килограми сирење и 317 килограми сос. Со своето ремек-дело го нахрани секој жител со по дури 10 парчиња!
Иако ова брзо и лесно јадење претежно е евтино, во ресторанот „Нинос белисима“ во Њујорк една пица ќе ве чини 1.000 долари.