Владо Јовановски се враќа како воин на коњ, повратник од дијаспората, кој дава милионска сума за да го купи пансионот. Следуваат низа сплетки, административни и бирократски пречки. Па настанува корона-кризата, која особено тешко ги погодува туристичкиот и угостителскиот сектор…
На 18 декември на МРТВ1 започнува емитувањето на новата петта сезона од ТВ-серијата „Преспав“. Новите 20 епизоди се снимаа во септември и во октомври, во екот на пандемијата.
– Иако годинава беше предизвик да ја снимиме новата сезона, поради новите околности во пандемијата, сепак одлучивме дека серијата „Преспав“ сѐ уште ѝ е потребна на публиката, дури сега повеќе од кога било, и не само поради позитивниот и комичен ефект што го постигнува туку и поради својата особена мисија, уште од првата епизода во 2016 година, да го „наслика“ нашево општество што поверодостојно, притоа да не му скрие ниедна мана. Сите ликови и ситуации во „Преспав“ му се познати на гледачот, а сепак никогаш, или ретко претходно, ги задумал и разбрал како општествени аномалии – вели Деница Бојаровска.
Во „Преспав“ има тројца несложни браќа, геј-пар, странци, измамници, наивци, корумпиран инспектор, корумпирани поединци, интелектуалци, опседнати со социјални мрежи, опседнати со трендови, материјалисти, будисти, екстремни верници, љубовници, прељубници. Застапени се речиси сите етнички групи меѓу главните ликови, се зборува на најмалку шест дијалекти.
– „Преспав“ отвора табу-теми. Првиот геј-бакнеж на ТВ се случи во првата сезона. Годинава една од темите е отворениот брак. Оваа сезона нови ликови се: козметичарка – Натали (Наташа Петровиќ) и патриот – повратник од дијаспората Мич (Владо Јовановски). Пансионот „Преспав“ на почетокот на новата сезона го наоѓаме во ситуацијата во која го оставивме на крајот на четвртата сезона, односно на банкарската лицитација за продажба, кога највисока понуда даде еден непознат воин на коњ што дојава во ресторанот, Владо Јовановски, односно Мич. Се разбира, сопствеништвото на пансионот е од највисок интерес на сите, па нема толку лесно да се прифати продажбата, иако е милионска сумата. Следуваат низа сплетки, административни и бирократски пречки. Па настанува корона-кризата, економските последици од истата таа, која особено тешко ги погодува туристичкиот и угостителскиот сектор. Пансионот „Преспав“ плива во истите води во кои и сите ние во моментов – вели Бојаровска.
Викендов се снимаше и новогодишна тричасовна програма на „Преспав“, што како и минатите две години ќе се емитува на новогодишната ноќ на МРТ.
– Снимањето во пандемија беше многу тешко и неизвесно. Брзавме да организираме снимање во периодот кога бројките на заболени не беа големи, пред почетокот на вториот бран, кој се очекуваше и случува во моментов. Покрај пропишаните владини мерки за работа во пандемија, спроведовме и низа посебни мерки како што се: редовни тестирања на сите вклучени во процесот на продукцијата, карантин-мерки за актерите, за кои особено внимававме да не се најдат во контакт со заболени лица од ковид-19, редовна дезинфекција на површините на сетот, редовни мерења на телесната температура, намален број технички персонал на сет, прописи за движење и комуникација на сет и ред други мерки што ни овозможија да го реализираме снимањето без да го загрозиме здравјето на вклучените. За среќа, немавме случај на заразени – додава Деница.
Таа додава дека по успешно реализирани четири сезони и петта во најава, би рекле дека публиката ужива во ситком-форматот што го презентира „Преспав“.
– Иако хуморот е императив на ваквиот формат, наш впечаток е дека публиката ги врзува и искреноста и емоцијата што се провлекуваат низ сценаријата. Гледачот се идентификува, а потоа учи и да се насмевне, па да продолжи понатаму со животот, исто како што и нашиот пансион живее – вели Бојаровска.