Компанијата „Абибоо“ ги претстави плановите за првиот град на Марс.
Градот наречен Нува Сити ја претставува првата заедница на Марс и ќе може да им биде дом на 250.000 луѓе. Изградбата е планирана покрај карпа и внатре во неа, така што луѓето ќе имаат пристап до сончева светлина без ризик од преголема изложеност на космичко зрачење.
„Абибоо“ планира да започне со изградба на град на Марс во 2054 година, а првите жители треба да се населат до 2100 година, пренесува „Дејли меил“.
Карпата ќе им овозможи на сите да живеат во одделни простори, а исто така ќе имаат пристап до други локации посветени на земјоделството и енергијата. Жителите ќе можат да одгледуваат добиток и да создаваат соларна енергија.
Целта на проектот е да се изгради самоодржлива цивилизација на површината на Марс што може да преживее без постојан транспорт на храна од Земјата. Атмосферскиот притисок е помалку од еден процент во однос на Земјата, а космичкото зрачење е големо.
– Ќе мораме да направиме голем број анализи за да се обидеме да разбереме кои околности нѐ очекуваат. Треба да се соочиме со предизвиците што ги предизвикуваат условите на Марс, а еден од нив е гравитацијата еднаква на третина од гравитацијата на Земјата. Меѓутоа, за среќа, има јаглерод диоксид и вода на Марс. Водата е голема предност, ќе ни овозможи да ги имаме потребните материјали за градба. Со помош на вода и ЦО2 ќе можеме да создадеме јаглерод, а со тоа и челик. Во суштина, планираме да користиме само материјали од Марс за изградба на градот – соопшти компанијата.
Многу луѓе се исклучително заинтересирани за човечкото присуство на Марс, а меѓу нив е и извршниот директор на „Спејс екс“, Илон Маск.