Поради повлекувањето на мразот на Арктикот, припадниците на руската морнарица во текот на август и септември открија пет нови острови. Островите што досега биле скриени под глечерот се мапирани, но сè уште не се именувани, пренесе „Гардијан“.
– Ова откритие е резултат на промените што се случуваат со мразот. Претходно на тоа место имало глечери, а по топењето, колапсот и температурните промени откривме нови острови – изјави претставник на руската морнарица.
Во последните четири години, одмрзнувањето на глечерот на Арктикот е полошо отколку во кој било друг петгодишен период од моментот кога се направени мерењата, се открива во извештајот на Обединетите нации за последиците од глобалното затоплување објавен минатиот месец.
Во студијата, составена од повеќе од 100 автори, заснована на дури 7.000 научни документи, се објаснува какви последици ќе имаат 1,3 милијарда луѓе што живеат во многу ниски области или високи планински области, од зголемувањето на нивото на морето, брзото топење на ледената покривка на Гренланд и Антарктикот, како и од намалувањето на површината на глечерите.
Русија во последните неколку години отвори голем број воени и научни бази на Арктикот, а интересот на сите најголеми сили за овој регион се засили откако со растењето на температурите се ставија на располагање големи резерви на нафта, гас и ретки минерали.