Принцезата Мако, внука на јапонскиот император, се откажа од царскиот статус и од обесштетувањето во иснос од 1,2 милиона евра кога се омажи за 30-годишниот Кеи Комуру. Неколку часа по венчавката, младенците одржаа куса прес-конференција, на која не одговараа на прашања, туку го искажаа своето задоволство.
– Благодарна сум од сѐ срце – рече Мако кога првпат ѝ се обрати на јавноста како цивил изразувајќи благодарност до луѓето што ѝ помагаа и ја поддржуваа.
„Ја сакам Мако. Сакам да го поминам животот со личноста што ја сакам“, им рече младоженецот Кеи на новинарите собрани во просторијата што двајцата ја изнајмија за настанот.
Младенците рекоа дека планираат заедно да изградат топла и мирна семејна атмосфера и иако не открија каде ќе живеат, јапонската телевизија „НХК“ објави дека ќе се вселат во еднособен стан во Токио пред да се преселат во Њујорк.
На почетокот на овој месец царската институција појасни дека нема да се одржи свадбена церемонија, ниту приемен банкет или други ритуали и дека не се одобрува паушалот од 1,2 милион евра што вообичаено им се дава на жените од царското семејство кога се мажат за обични граѓани.