Во март 1972 година беше премиерно прикажан филмот „Кум“ на режисерот Френсис Форд Копола, кој подоцна прерасна во филмски серијал. Ова е едно од најпознатите филмски остварувања на сите времиња, работено по истоимената новела на Марио Пузо, а во него глумеле многу познати имиња, како Марлон Брандо, Ал Пачино, Роберт де Ниро, Дајан Китон…
Филмот е награден со „оскар“ за најдобар филм, за најдобар глумец и најдобро адаптирано сценарио, а избран е и за чување во Националниот филмски регистар на САД. Исто така, рангиран е како втор најдобар филм во историјата на американската кинематографија, веднаш зад „Граѓанинот Кејн“.
Прочитајте осум интересни факти поврзани со филмскиот серијал „Кум“.
1.Копола за малку ќе добиел отказ
Како што се раскажува, филмот „Кум“ прво требало да го режира Серџо Леоне, но тој одбил. Освен него, во овој проект одбиле да учествуваат Елија Казан, Артур Пен, Ричард Брукс и Коста Гаврас. На крајот, работата му била доделена на Френсис Форд Копола, кој многу лесно можел да добие отказ. Имено, студиото сакало тоа да биде голем гангстерски филм и постојано надлежните му се заканувале дека ќе го исфрлат. Но кога Копола ја снимил сцената во која Мајкл ги убива Солоко и Меккласки, на главните тоа им се допаднало и решиле да го задржат Френсис.
2. Најпознатата реплика била импровизација
Ако сте го гледале филмот „Кум“, сигурно се сеќавате на репликата: „Остави го пиштолот, земи каноли“. Во прашање е чиста импровизација. Имено, глумецот Ричард Кастелано, кој го играл Питер Клеменцо, сѐ измислил во мометот, а се замешал и самиот Копола, кој ја додал репликата на жена му на Клеменцо, која вели: „Не заборавај ги канолите“.
3. Коњската глава во „Кум“ е вистинска
Она што е шокантен и вознемирувачки факт е дека коњската глава во „Кум“ е вистинска. Поточно, во текот на пробите се користела вештачка глава на коњ, но потоа режисерот Копола ја заменил со вистинска.
4. Зборот „мафија“ се одбегнува во филмот
По состанокот со италијанско-американската лига за граѓански права, Копола се согласил да го изостави зборот „мафија“ од сценариото. Она што е најприближно во филмот е насловот во весниците во кој се споменува „Мафијашот Барзини испрашан по крвава расправија“, еден ден по убиството на Мајкл во италијански ресторан.
5. Сцена снимена со многу тешкотии
Бившиот професионален борач Лени Монтана, кој го глумеше Лука Брази, бил толку нервозен што глуми со Марлон Брандо, што не можел од трема да се соземе. Копола немал време повторно даја снима сцената, па во филмот е ставен најдобриот обид на Монтана.
6. Марлон Брандо одбил да го прими „оскарот“
Славниот глумец не сакал да ја прими златната статуетка, па на церемонијата ја пратил жена му Сашин Литлфедер, која го прочитала неговото писмо, во кое укажува на тоа дека филмската индустрија лошо ги прикажува американските Индијанци. А кога сме веќе кај Брандо, тој не ставал памук во устата за да му изгледа лицето надуено. За да ја одигра што подобро улогата побарал помош од заболекар, кој во устата му ставил посебно апаратче.
7. Марлон Брандо и Ал Пачино не биле првиот избор за своите улоги
Можеби звучи неверојатно, но продукциската куќа „Парамоунт пикчрс“ најпрво улогата на Вито Корлеоне му ја понудила на Лоренс Оливие, но тој не прифатил поради здравствени причини. Во еден момент тогашниот претседател на студиото му рекол на Копола дека „Марлон Брандо, кого тој го предложил, никогаш нема да се појави во овој филм“. Сепак, продуцентите попуштиле и на Френсис му било дозволено да го ангажира Брандо, но постоел услов. Тој морал да прифати помала плата отколку во претходните филмови, како и да се појави на пробно снимање. На крајот Копола го избрал Брандо за улогата на Корлеоне, наместо Ернесто Боргнајн, кој бил фаворит на студиото.
А Ал Пачино никој не сакал да го види во „Кум“ на Копола. Студиото сакало улогата да ја добие Роберт Редфорд или Рајан О’Нил, а за Пачино велеле дека не е доволно познат. Дури се зборувало дека не одговара поради тоа што е низок. Дури Копола сакал да го напушти проектот поради тоа, но на крајот, студиото го прифатило предлогот и Ал ја добил улогата.
Инаку, за улогата на Мајкл Корлеоне конкурирале и Џек Николсон, Дастин Хофман, Ворен Бити, Мартин Шин и Џејмс Кан.
8. Светските ѕвезди сакале да бидат дел до „Кум“
Брус Дерн, Пол Њумен и Ств Мекквин конкурирале за улогата на Том Хејген, но на крајот ја добил Роберт Дувал. Роберт де Ниро, кој тогаш сѐ уште не бил познат, исто така сакал да игра во филмот. Се пријавил за улогите на Мајкл, Сони, Карло и Поли Гато. Роберт добил улога во продолжението на „Кум“ каде што го игра Вито Корлеоне.
Исто така и Силвестер Сталоне конкурирал за улогите на Карло Ризи и Поли Гато. Се зборувало дека и Елвис Присли бил заинтересиран за улогата на Мајкл Корлеоне, но не се појавил на аудицијата.