Конечно вредностите на Осогово се препознаени и станаа наше национално богатство, велат од Македонското еколошко друштво
Во Македонија првпат се заштити поголемо подрачје на природата, во категоријата „заштитен предел“. Осоговските Планини се прогласени за заштитено подрачје во категоријата „заштитен предел“. Одлуката на Владата, Осоговските Планини да станат првиот заштитен предел (заштитено подрачје од петта категорија) претставува круна на 14-годишната работа на Македонското еколошко друштво, со поддршка на низа партнери и донатори, домашни и странски експерти, како и соработката со Програмата за зачувување на природата во Македонија и со Министерството за животна средина и просторно планирање.
– Конечно вредностите на Осогово се препознаени и станаа наше национално богатство. Ова е првиот чекор кон вистинска заштита на подрачјето. Му честитаме на идниот управувач ЈП „Национални шуми“ и се надеваме дека истиот тој вредно ќе работи кон одржување и зачувување на природните вредности на Осоговските Планини. Сметаме дека локалното население ќе има со што да се гордее и што да им остави на идните генерации – изјави Деспина Китанова од Македонското еколошко друштво, која е вклучена во процесот за заштита на Осогово од 2006 година.
Имено, иницијативата Осоговските Планини да се истражат и да се стават на картата на заштитени подрачја, МЕД ја започна во 2006 година, со поддршка на Франкфуртското зоолошко друштво (Германија). Потоа следуваа проекти поддржани од „Пронатура“ (Швајцарија), „Еуронатур“ и Германската агенција за животна средина (ДБУ) (Германија), некои од нив спроведувани прекугранично во соработка со Бугарската фондација за биодиверзитет.
Уникатните предели на Осогово беа валоризирани од професорот Љупчо Меловски, долгогодишен претседател на МЕД, кој ја дефинираше и категоријата на заштита – заштитен предел.
– Од 2011 година во рамките на Програмата за зачувување на природата во Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, координиран од „Фармахем“, се започна со спроведување еколошка гап-анализа и карта на еколошка сензитивност со која беа идентификувани идните подрачја за заштита во Источна Македонија, а меѓу кои Осогово зазема централно место.
Во периодот 2017-2020 преку програмата, а со локална експертиза на Македонското еколошко друштво, се изработи студија за валоризација на природните вредности на Осоговските Планини со предлог-заштита во категоријата „заштитен предел“, со што процесот за заштита се забрза. Процесот за вклучување на засегнатите страни во регионот траеше од 2018 до 2020 година, а во август се спроведе и јавна кампања за прогласување на Осогово за заштитен предел – соопштуваат од Македонското еколошко друштво.