Автор: Адам Епстајн

Кварц

Што им е заедничко на „Граѓанинот Кејн“, „Вертиго“, „2001: вселенска одисеја“ и „Таксист“? Ниеден од овие филмови, кои се едни од највлијателните во историјата на кинематографијата, не освои награда за „најдобар филм“ на ноќта на „оскарите“. Ниту Алфред Хичкок, Стенли Кјубрик, Акира Куросава и Ингмар Бергман добија награда за „најдобра режија“. Ним не им беше потребен „оскарот“ за да им го зацементира култниот статус. Оваа награда речиси никогаш не одлучувала за културната моќ на еден филм.

Идејата за „оскарите“ сè уште е важна, дури и за оние кои не се сметаат за филмофили. Тие овозможуваат некој нов талент да се стекне со поголемо влијание. Тие служат за важен показател за филмската индустрија како целина, ги откриваат слабите точки и ги одразуваат најдобрите и најлошите импулси на културата. Зборуваат за уметноста, како станала таква и во која насока се движи.

Во поматеријален контекст, наградите ја зголемуваат заработката на филмовите во киносалите. По номинацијата, филмовите во категоријата „најдобар филм“ бележат значителен скок во заработката на киноблагајните. Иако овој скок се намали во ерата на стриминг-сервисите, сепак сè уште е актуелен. На пример годинава, „Мали жени“ оствари дополнителна заработка од 21 отсто откако доби номинација за „најдобар филм“. „Паразит“ има дополнителна заработка од 18 отсто. Без разлика кој филм ќе ја освои наградата, самите номинации го свртуваат вниманието кон одличните филмски остварувања кои обично не го добиваат.

Иако телевизиските рејтинзи на шоуто бележат постојан пад, доделувањето на наградите „оскар“ сè уште на годишно ниво е еден од најгледаните настани во САД. Генерално сите телевизиски рејтинзи бележат пад, но „оскарите“ остануваат едно од малкуте нешта што сè уште привлекуваат голема публика. Лани, преку малите екрани манифестацијата ја следеле 30 милиони Американци. Во ред е да се ужива во шоуто како еден вид на спектакл, со целиот хаос и проблеми, но не се грижете премногу кој филм ќе ја однесе златната статуетка.

Оскарите немаат долгорочна културна тежина

Практично секоја листа на најдобри филмови на сите времиња, која вообичаено се објавува на крајот од секоја деценија, потврдува дека освојувањето или неосвојувањето на „оскарот“ не е никаква гаранција за важноста на филмот. На листата на „Би-би-си“ од 2016 година за „100-те најдобри филмови на 21-от век“ (составена од меѓународно жири на критичари, куратори и академици), 77 филмови дури не добија ни номинација за „најдобар филм“. Од 23 филма кои добија, само четири беа добитници на „оскар“, што значи дека 12 од 16-те најдобри на векот не беа ставени на листата.

Рангирањето од 2012 година за најдобри филмови на сите времиња од страна на британското филмско списание „Сајт енд саунд“, за кое починатиот филмски критичар Роџер Иберт некогаш изјави дека е единствената таква листа која „најсериозните филмски љубители ја сфаќаат сериозно“, беше причината за најочигледната поделба меѓу културниот консензус и „оскарите“. Само 13 филма од вкупно 100-те на листата беа номинирани во категоријата „најдобар филм“, а само четири од нив се добитници на наградата („Казабланка“, „Лоренс од Арабија“, „Кум 1 и 2“).

Иако филмската академија, односно групата која ги доделува „оскарите“, станува сè поразновидна, сепак е сочинета од 84 отсто на белци и 68 отсто на мажи. Обично, во потесен круг за освојување на наградата влегуваат типични филмови (американски, на англиски јазик, со познати актери или режисери), а кругот на победници е уште потесен. Ако не ве импресионираа победниците за „најдобар филм“ во последниве години, тоа е така затоа што во 2009 година, Академијата се одлучи за методот на привилегирано гласање, во кое се наградуваат филмските остварувања што најмногу му се допаднале на мнозинството, но не значи дека биле најомилени или дека ќе бидат популарни и во иднина. На овој начин „Зелената книга“ ги победи филмовите како „Рома“, „Црниот член на Кју клукс кланот“ и „Ѕвездата е родена“. (Понекогаш системот знае позитивно да изненади како со филмот „Месечина“ од 2016 година).

Ова не говори за тоа колку се исполитизира гласањето. Студијата сега мораат да водат кампањи за нивните филмови како за политичка функција, па така често ги праќаат актерите и режисерите во Холивуд за да се дружат со други гласачи, додека се трошат милиони на масовни рекламни кампањи за да се убедат неопределените. Сезоната на „оскари“ се претвори во коњска трка, слично со најлошото од американската политика.

Само една жена освои „оскар“ за најдобра режија во 100-годишната историја на наградите, а тоа е Кетрин Бигелоу. Воедно само пет жени ја добија номинацијата досега. Ниеден странски филм ја нема освоено наградата „најдобар филм“ („Паразит“ можеби за првпат ќе го стори тоа годинава). Кирк Даглас, Питер О’Тул, Кери Грант, Харисон Форд, Ејми Адамс, Џин Вајлдер, Том Круз, Анет Бенинг, Вил Смит и Глен Клоуз никогаш не добија „оскар“ за глума.

На крајот на краиштата, освојувањето на „оскар“, особено во категоријата за „најдобар филм“, носи малку долгорочна културна тежина. Некои тврдат дека всушност е подобро да не се освои „оскар“, затоа што добитниците се соочуваат со неизбежните критики и затоа што статусот засекогаш ќе ви биде обележан. Листата на победници во категоријата за „најдобар филм“ е неважна за филмофилите. Филмовите што ја одбележаа 2010 година се „Социјална мрежа“ и „Почеток“. За несреќа на тогашниот победник, филмот „Говорот на кралот“, местото во аналите на филмската историја прилично ќе се должи само на таа ноќ, кога доби шанса да заблеска.

Превод: Билјана Здравковска