Понекогаш е опкружен со 30, па дури и со повеќе ајкули од различни видови, но никогаш немал никаков проблем. Напротив, тој има развиено уникатна врска со нив, па морските предатори му приоѓаат за да ги погали
Речиси секој ден во последните 40 години, професионалниот нуркач Џим Абернети плива со ајкули и ги смета за свои најдобри пријатели. Абернети се „дружи“ со ајкули во кристално чистиот океан на Бахамите, поконкретно, во близината на плажата Тигар. Некогаш е опкружен со 30, па дури и со повеќе ајкули од различни видови, но никогаш немал никаков проблем. Напротив, тој има развиено уникатна врска со нив, па морските предатори му приоѓаат за да ги погали. Џим нурка без кафез или друга заштитна опрема.
– Веројатно би помислиле дека некој како мене што живее на море, кој нурка со ајкули повеќе од кој било на планетата, нема раце или нозе. Повеќето луѓе мразат ајкули и кога се појавија филмови што ги прикажуваат како безумни чудовишта што јадат луѓе, знаев дека тоа е грешка – вели Абернети.
Џим ги смета ајкулите за свои пријатели.
Развил посебен однос со една тигреста ајкула
– Кога го закотвуваме бродот, ги гледам ајкулите во водата околу него и тоа е како да одите на средношколски собир каде што имате многу пријатели со кои сте поминале квалитетно време, а потоа повторно ги гледате – вели нуркачот.
Тој развил посебен однос со една тигреста ајкула.
– Ѕвезда на плажата Тигар во последните неколку децении е тигрестата ајкула долга околу 4,6 метри, која ја нарековме Ема. Таа досега беше дел од 14 различни документарни филмови, таа е светски позната. Таа е веројатно најфотографираната ајкула во светот. Се наоѓа под мојот брод и 10 месеци годишно, таа практично никогаш не заминува – изјави Абернети.
Неколкупати ѝ го спасил животот на Ема од остатоците од рибарска опрема, а четири пати ѝ нашол рибарски јадици во нејзините вилици. Неодамна го ризикуваше животот за да ја извади куката од грлото на ајкулата. Ставањето рака во вилицата на ајкула може да биде неверојатно опасно, но тој сепак е експерт што добро ја познава ајкулата.
– Го направив она што би го направил секој што ќе дојде дома и ќе си го види кучето со кука „во главата“. Планирав да ѝ ја отворам устата кога ќе ја видам, да ја турнам раката внатре и да ја грабнам куката користејќи пластична заштита. Сепак, без никаква заштита ја турнав раката во нејзината уста, ја фатив куката и се обидов да ја извадам, но не можев. Потоа ја ставив раката врз неа и ја повлеков јадицата. Имаше крв насекаде, но ја извадив јадицата и ѝ ја покажав. Немаше агресија, ништо. По три минути немаше повеќе крв – го раскажува своето искуство Абернети.
Глобалната популација на ајкули е намалена
Џим бил загрижен дека можеби сериозно ја повредил Ема, па ѝ ја проверувал раната.
– Секој ден потоа ѝ ја отворав устата два или трипати на ден за да видам дека раната зараснува. По четири или пет недели престанав да го правам тоа и потоа се случи нешто неверојатно. Таа почна да плива кон мене и да ги отвора вилиците. Таа е со весел дух, па мислам дека мислеше дека тоа е игра – вели тој.
Глобалната популација на ајкули е намалена поради прекумерниот лов и трговијата со перки. Во опасност се и ајкулите на плажата Тигар. Тој ги едуцира другите за влијанието на луѓето врз живеалиштата на ајкулите и намалувањето на нивниот број. Неговата желба е да ја покаже другата страна на овие суштества, пишува „Би-би-си“.
– Плажата Тигар за мене е место каде што можам да одам и да се видам со пријателите што ги стекнав во период од 20 години. Нема подобар начин да им се помогне на луѓето и да се заштитат животните, кои, веројатно, ги мразеле во еден момент од нивниот живот. Да се биде привилегиран да ги претставувам, да бидам нивен глас и стравот да се претвори во љубов е моќна работа – заклучува Абернети.