Во Музејот на современата уметност во Скопје вечерва, со почеток во 20 часот, членовите на групата „ФИН Проект“ ќе го промовираат својот нов албум „Re:vision“. Овој носач на звук како оригинален музички израз претставува фузија на електронска музика со призвуци на џез и ворлд-мјузик и содржи шест композиции: „Rising Thoughts“, „The Beginning“, „Vision“, „Mind Travel“, „Re:vision“ и „Дај некој благослов“.
Продуцент и автор на музиката и аранжманите на сите композиции е Никола Стојковски, кој наедно е одговорен и за програмирањето на електронските инструменти, а покрај него во „ФИН Проект“ се и: Александар Николовски (труба), Калина Велковска (вокал), Иван Петровски (гитара) и Филип Димишковски (клавијатури). Досега имаат издадено три албуми: „Beats & Ornaments / Inside Macedonia“, „The Sun is One“ и „FIN Project – FIN Project“.
На промоцијата членовите на „ФИН Проект“ ќе изведат две композиции од албумот, а ќе биде промовиран и видеозаписот за песната „Дај некој благослов“, која како сингл изминативе два месеца високо котираше на топ-листите на македонските радиостаници, но и на неколку европски радиостаници. На оваа композиција гостуваат Васко Атанасоски („Бернајс пропаганда“), како вокал и автор на текстот и Тена Рак – вокал. Видеозаписот е компилација на сцени од филмот „Малиот бог на љубовта“ на црногорскиот режисер Жељко Шошиќ со Никола Ристановски и Нина Виолиќ во главните улоги.
„ФИН Проект“ е присутен на македонската музичка сцена од 2012 година и нивниот музички концепт нуди поинаков и современ синергиски пристап изразен преку електронски аранжмани во фузија со различни стилски изрази – ворлд-мјузик, џез-рок и чил-елементи.