Прилепската уметница Елена Димоска направи новогодишни декорации на стакло низ поголемиот дел од дуќаните и кафулињата низ центарот на Прилеп, но и во неколку компании. Бајките што ги слика се комбинација од уметност и украсување.
– Го будат празничниот дух и имаат декоративна намена, а во исто време во прашање е целосно рачна работа преку која можам да ја изразам и мојата позитивна енергија. Сите уживаме, јас додека работам и публиката кога гледа – вели Димоска.
Акцијата, која уметницата ја започна лани, многу поскромно, годинава е прифатена одлично.
– Во ова време на пандемија секому му недостига празнично расположение. Новогодишните пејзажи го постигнуваат будењето на новогодишната еуфорија во сите нас – додава Елена.
Со нејзината креативност ги развеселува прилепчани. Кога ќе поминат покрај излозите бајките им мамат насмевка, му го топлат срцето на секој минувач и му предизвикуваат пријатни чувства. Дедо Мраз, елки, лампиони, снегулки… се само дел од насликаното на излозите.
– Идејата да се развесели дојде спонтано. И порано работев на стакло, но на помала површина. Ја смислувам темата, па скицата и концептот. Сликам со бела боја. Техниката е темпера и акрилна боја, кои се издржливи, но и лесно се отстрануваат од стаклото – вели уметницата.
Елена Димоска има завршено ФЛУ. Работи како професорка по ликовно образование. Црта и мурали. Изработила мурал во ОУ,,Блаже Конески“. Додека твори, ужива во добра музика. И создава од љубов. Следната година планира изложба, а дотогаш новогодишните бајки ги вгнезди во прилепската чаршија за радост, надеж и среќа.