Додека љубителите на „Игра на престолите“ ја чекаат последната сезона од својата омилена серија, се појавија трејлери од новата научнофантастична серија, заснована врз приказна од американскиот писател Џорџ Р.Р. Мартин.
Се работи за неговата новела „Ноќни летачи“ од 1980 година, научнофантастична хорор-приказна, која самиот автор ја нарекува „Психо во вселената“.
Судејќи според реакциите на Интернет и социјалните мрежи, приказната дејствува ветувачки. Ја следи мисијата на вселенскиот брод „Најтфлајер“, кој треба да ги истражи најоддалечените делови од Сончевиот систем. Но сето тоа се претвора во безмилосна борба за опстанок во затворен простор. Главните улоги ги толкуваат Гречен Мол, Сем Страјк и Филип Рајс.
Дистрибуцијата на серијата надвор од Америка ја презема „Нетфликс“, кој е и копродуцент на овој проект.