Брендот „Искра&Лидија блупринт“ со својата работа сигурно чекори во создавањето на своето место на сцената на дизајн за дом. Годинава повторно со своето учество на манифестацијата „Фешн илајфстајлекспо“ во МОБ, во соработка со Талија, ја презентира третата колекција, насловена „Зебра“. Дуото Искра Јанковска и Лидија Георгиева овојпат работеше во амбиент инспириран од топлите пејзажи на Африка.
-Сонцето и широките суви пространства, саваната со својата палета, колонијалните влијанија, како слики од филм се појавуваа новите приказни и дизајни. Користените материјали потсетуваат на она што било директно достапно од природата за племенските заедници, заедно со нивните традиционални техники на боење на платно. Колекцијата содржи нови отпечатоци, како и рачно везени и плетени дизајни, во светла и топла, сончева гама на бои- велат од „Искра&Лидија блупринт“.