Ниту еден од ликовите од „Игра на тронови“ нема да биде безбеден во последната сезона од популарната телевизиска серија, односно како што имаат обичај да кажат жителите на измислениот континент Есос „валар моргулис“ што значи „сите луѓе мораат да умрат“. Постојат разни претпоставки меѓу љубителите на серијата за тоа кои ликови ќе ги загубат животите, но всушност постојат шест принципи кога станува збор за смртта во Вестерос.
Лоши работи им се случуваат на лоши луѓе
Таква беше судбината на Висерис Таргериен, еден од главните ликови во првата сезона кој бргу ја „напушти“ серијата, а неговите финални мигови беа во познатата сцена со растопеното злато. Златна круна за „кралот“.
Лоши работи им се случуваат на добри луѓе
Три епизоди по смртта на Висерис, лордот Едард Старк беше обезглавен во претпоследната епизода на првата сезона, разочарувајќи ги обожавателите кои се надеваа дека тој ќе преживее барем до финалето.
Навистина лоши работи им се случуваат на навистина добри луѓе
Ако смртта на Едард Старк не беше доволна сама по себе, тогаш се случи „Црвената венчавка“, во која Роб, најстариот син на Едард, беше предаден и убиен заедно со неговата мајка, неговата сопруга и нивните најблиски воини.
Навистина лоши работи им се случуваат на навистина лоши луѓе
Една година по „Црвената венчавка“, на друга венчавка се случи долгоочекуваната смрт на еден од најомразените ликови – кралот Џофри. Тој беше отруен како резултат на долгопланиран заговор.
Секој може да биде убиен
На Вестерос не му е грижа кој си. Доколку се најдеш на погрешно место и погрешно време, ќе се соочиш со смртта. Таков беше крајот на Ходор, немиот џин со добро срце. Секој што ја дочекува осмата сезона со оптимизам и со очекувања, веројатно ќе биде разочаран со крајот.
Секој може да биде оживеан
Во Вестерос смртта не е крајот на постоењето. Досега, двајца карактери беа вратени во живот, Џон Сноу и Берик Дондарион. Иако ретко, оживувањето како опција сепак постои. Друг вид на враќање во живот исто така би било и воскреснувањето во служба на Ноќниот крал, судбина што може да им се случи на многумина од омилените ликови на обожавателите.
Земајќи ги предвид овие принципи, се претпоставува дека осмата сезона нема да ја преживеат Џон Сноу, Арја Старк, Серсеи Ланистер, Мелисандре, Варис, Теон Грејџој, змејовите и Ноќниот крал. Меѓу оние што се претпоставува дека ќе преживеат се Санса Старк, Самвел Тарли, Давос Сиворт, Тормунд Џајантбејн, Брон, Џејми и Тирион Ланистер и Денерис Таргариен.