По последниот филм за Џејмс Бонд, Даниел Крег го почнува третиот чин
во својот живот
Британскиот актер Даниел Крег последен пат прошета на црвениот килим во улога на Џејмс Бонд, на премиерата на филмот „Нема време за умирање“, која се одржа во вторникот, во престижниот „Ројал Алберт хол“ во Лондон, по неколку откажувања поради пандемијата на коронавирусот.
– Многу ми олесни, бидејќи пред сѐ филмовите за Бонд се снимаат за прикажување во кино – рече Крег во изјава за телевизијата Скај њуз.
Според него, стримингот на филмот би бил „катастрофа“, бидејќи филмовите за Бонд се „епски“ настани, кои бараат соодветна прослава во кино.
Коментирајќи го 15-годишното играње на познатиот шпион, Крег рече дека „нема лоши спомени, но ќе му требаат уште најмалку 15 години за да закрепне од улогата“. Во изјава за „Билд“, тој сепак призна дека неговиот последен филм е најдобар. На новинарите им призна дека го обзеле емоциите на последниот ден од снимањето.
– Врнеше дожд. Во студиото „Пајнвуд“, целиот тим аплаудираше. Беше многу импресивно. Тоа се речиси 16 години од мојот живот. Џејмс Бонд не плачеше, но јас плачев – рече 53-годишниот актер.
„Бај ентертејмент“, британската подружница на кинооператорот „Вај интернешнел“, ја оцени премиерата на филмот како филмски настан на годината.
Проекцијата на филмот во кината низ Велика Британија веќе започна, а во САД „Нема време за умирање“ ќе почне да се прикажува на 8 октомври, со година и пол задоцнување.
Харди и Пејџ како можни наследници
Во филмот, кој наводно чини 250 милиони долари, Бонд се враќа на активна служба по пензионирањето, со зборовите: „Морам да го завршам ова“.
Користејќи високотехнолошки уреди, додека се движи низ спектакуларни пејзажи во Италија и во Норвешка, се бори со негативецот Сафин, кој го игра оскаровецот Рами Малек.
– Ме стрелаат, а потоа ме креваат во воздух. Се чувствував како вистински Џејмс Бонд – рече Крег.
Откако Крег се повлече од филмовите за Бонд, нарекувајќи ја улогата „огромен дел“ од неговиот живот, започнаа шпекулациите за тоа кој ќе ја наследи неговата легендарна „дозвола за убиство“. Самиот Крег рече дека не знае, но верува дека неговиот наследник во улогата ќе треба да го „измисли“ Бонд.
Обложувачниците во Обединетото Кралство му даваат најмногу шанси на Том Харди, кој глумеше во филмовите „Ревенант“ и „Данкерк“, а како сериозен кандидат се споменува Реге-Џин Пејџ, ѕвездата на хитот на Нетфликс, „Бриџертон“.
Позитивни критики за улогата
Даниел Крег ја задржа улогата на Бонд значително подолго од сите негови претходници, а дебитира во „Казино Ројал“ во 2006 година. Тој доби пофалби за додавање длабочина и емоционална сложеност на сеопфатната улога, но сепак неволно се согласил на неговиот последен настап во улогата на Џејмс Бонд.
По филмот „Спектар“, од 2015 година, Крег за списанието „Тајмаут“ рече дека повеќе би сакал „да си ги пресече вените“ отколку да глуми повторно, но неодамна се извини за „непријатната“ изјава.
По завршувањето со Бонд, Крег сака да го започне третиот чин од својот живот, како што изјави, но во никој случај нема да ја заврши филмската кариера.
Прв Американец режисер на филм за Џејмс Бонд
Добитникот на наградата „еми“, Кери Џoџи Фукунага се потпишува како режисер на филмот, со што стана првиот Американец што режирал еден од филмовите од франшизата за Бонд. Едно од неговите поуспешни остварувања е „Џејн Ер“ во 2011 година, адаптација на романот на Шарлот Бронте.
Филмот му беше доверен на Фукунага, откако Дени Бојл, познат по „Милионер од предградието“ и „Треинспотинг“, се откажа од режијата во 2018 година поради „креативни“ причини.
– Мојот Бонд е како рането животно, кое се бори во изменет свет, каде што правилата за ангажман не се како што беа порано, а правилата за шпионажа се потемни во ерата на асиметрично војување – изјави Фукунага.
Меѓу оние што работеа на сценариото за новиот филм за Бонд беше и Фиби Волер-Бриџ, британска авторка и ѕвезда на ТВ-серијата „Флибег“ и сценарист на серијата „Убивање на Ева“.
Во филмот, Бонд соработува со агентката на МИ6, која ја игра Британката Лашана Линч.
Инаку, филмовите за Џејмс Бонд се базирани на лик создаден од британскиот писател Јан Флеминг, во серија романи објавени во 1950 -тите и 1960 -тите години.