Најчудниот закон на светот, забраната жени да возат автомобили во Саудиска Арабија, веќе не важи

Чудни правила и сообраќајни закони има во сите земји. Но, сепак, закони се закони и мора да се почитуваат. На Тајланд, на пример, не смее да се вози без маица. Во Австрија полицајците може да проценат и без камера дали возите пребрзо во зоните во кои максималната дозволена брзина е 30 километри на час или помалку.

Во Данска возачите, пред поаѓање, мора да проверат дали има некој под нивниот автомобил. Во Јужна Африка возачите мора да застанат и да ги пропуштат говедата, коњите или ноевите. Во Алабама е забрането да се вози со превез преку очите. Во Франција дел од задолжителната опрема е и мерач на алкохол во крвта. Во Костарика е дозволено да пиете алкохолен пијалак додека возите, сѐ додека не ја надминувате максимално дозволената граница од 0,75 промили алкохол во крвта. Во Манила не е дозволено да се вози секој ден. Преку броевите на таблиците се одредува во кои денови е дозволено возењето.

Во Јужна Каролина е забрането да имате етикети со непристојна содржина на автомобилот. Во Финска морате да пријавите доколку удрите животно на патот. Во Германија не смеете да останете без гориво на автопат. Во Шпанија возачите што носат очила мора секогаш да имаат резервен пар во автомобилот. Во недела во Швајцарија не смее да се мијат автомобили. Иако звучи чудно, на Швајцарците им е многу важен неделниот мир, па во тој ден се забранети бучните активности. Во Кипар е забрането да се јаде и пие додека се вози. Не смее ни вода да се пие. Ако сакате да се освежите, мора да застанете на паркинг и да го исклучите моторот.

Во Москва не е дозволено да се вози валкан автомобил, ниту до автомијачница. Во Јапонија е забрането да се возите со пијан возач. Во Тенеси и во Калифорнија е забрането да пукате во животни од автомобил, освен ако е во прашање – кит. Во Австралија строго е забрането да се оставаат клучевите во возило. Во Калифорнија е забрането излегувањето од возило што се движи со брзина од над 100 километри на час. Најчудниот закон на светот, забраната жени да возат автомобили во Саудиска Арабија, веќе не важи.