Според статистичките податоци на Еуростат, во 2017 година, бројот на младата популација на граѓани во Европската Унија изнесувал 35 проценти. Со други зборови, во просек тоа е едно младо лице (на возраст од 19 или помалку) на три работоспособни лица. Соодносот на повозрасната популација на граѓани бил малку понизок (33 отсто), што претставува сооднос на бројот на постари лица (на возраст од 65 и повеќе години) споредено со бројот на работоспособни граѓани.
На градско ниво, Брисел е најмладиот главен град во ЕУ со млада популација на жители од над 40 отсто, веднаш зад него се Париз и Даблин (39 отсто). Спротивно на тоа, Лисабон е град во кој живеат највозрасните жители, односно над 41 отсто, пред Рим (36 отсто) и Валета (34 отсто).
Стапката на млади жители била највисока во поголемиот дел од градовите на Франција и Велика Британија. Во 2014 година, во општината Вал де Франс, во близината на Париз била забележана највисоката стапка на млади (58 отсто).
Бројот на млада популација во градовите бил под просекот на ЕУ (35 отсто), во Германија и Кипар во 2014 година, Литванија, Луксембург (во 2011), Малта, Австрија, Полска (според податоците за 2014 година), Романија, Словенија (2016 година) и Словачка. Околу две третини од 19-те града со најниска стапка на млади (под 25 отсто) биле во Романија или во Германија.
Според податоците за 2015 година, највисоката стапка на возрасни жители, со сооднос од најмалку еден жител на возраст над 65 години на две работоспособни лица, била забележана во француското крајбрежно одморалиште Фрежус (64 отсто). По него следуваат седум други крајбрежни града – Кан во Франција, Савона, Џенова и Трст во Италија, дистриктот Вавени (вклучувајќи го и градот Лоустофт) во Велика Британија, како и градовите Десау-Рослау и Герлиц во источна Германија.
Во 2017 година, поголемиот дел од градовите на ЕУ со стапка на највозрасни жители од 45 проценти или повеќе биле лоцирани во 12 града во Италија, осум града во Германија и шест града во Франција.
Низ Европската Унија во 2017 година имало 57 града, во кои стапката на повозрасна популација била помалку од 20 отсто. Најниска стапка на повозрасно население имало во два града близу Мадрид: Ривас-Вакијамадрид (10 отсто) и Валдеморо (14 отсто). А имало и неколку други градови со релативно ниски стапки на стари жители околу шпанската престолнина Мадрид, како и во голем број помали градови око лу Париз.