Енио Мориконе, еден од најголемите композитори на филмска музика на сите времиња, кој почина на 6 јули, во 91-та година од животот, зад себе остави над 500 композиции за филмови и серии, како и класични дела.
– Јас да се прашував, ќе добивав „оскар“ секоја втора година – изјавил во една пригода славниот композитор.
И навистина, секое негово авторско парче е мало ремек-дело. Мориконе, освен за вестерни, правел музика и за хорор-филмови („Истерувач на ѓаволот“ на Дарио Арџенто од 1970-тите, па неговото продолжение или „Суштество“ на Карпентер од 1982 г.), крими-филмови („Сицилијански клан“ од 1969 г.), драми („Мадалена“ од 1971 г. или „Легендата за пијанистот на океанот“, за кој во 1998 г. доби „златен глобус“), црни комедии („Истрага за осомничениот граѓанин“ – 1970)… Освен тоа, пишувал музика за голем број ТВ-серии, меѓу кои кај нас најпозната е „Октопод“ со Микеле Плацидо.
Овој пат ќе се потсетиме на десет негови познати филмски теми од различни периоди од неговата богата кариера.

1. „Добар, грд и лош“ (1966):
„Ecstasy of Gold“
Својата, најверојатно најпозната филмска тема Енио Мориконе ја компонирал во 1966 година, за легендарниот шпагети-вестерн на Серџо Леоне, со Клинт Иствуд, Ли ван Клиф и Ели Валах. Таа се слуша во моментот кога Тако (Ели Валах) френетично ги пребарува гробиштата, трагајќи по 200.000 долари во злато. Вокалот што се памети, без зборови го отпеа Еда дел Орсо.
Оваа филмска тема подоцна е користена и цитирана десетина пати, дури и во
други филмови, на пример во адаптацијата на претставата „Роки хорор-шоу“ од 1975 г., па и во порнографски филмови снимени таа деценија, но и во корејското остварување „Битка на островот“ од 2017 година, а подоцна и во цртаните филмови „Книга на животот“ и „Симпсонови“ или во анимираниот филм за Сунѓерот Боб. Со оваа тема и бендот „Металика“ во еден период ги почнувал своите концерти, а раперот Џеј Зи го семплувал делот во својот албум „Blueprint“ од 2002 година. Темата се користела и во многу реклами, па и како музика за видеоигри, а слушателите на Македонското радио ја паметат како шпица на некогаш многу популарната музичка емисија „Три гонга“ на водителот Ѓоко Георгиев. Во регионот и на радиото Б-92 се користела како шпица за дневникот на оваа станица. Истата година Мориконе ја напишал и музиката за филмот „Битката за Алжир“ на режисерот Џил Понтекорво.

2. „Беше еднаш на Дивиот Запад“ (1968): „The Man With Harmonica“
Серџо Леоне го ангажирал Мориконе и две години подоцна да напише музика за филмот „Беше еднаш на Дивиот Запад“ со Хенри Фонда, Клаудија Кардинале и Чарлс Бронсон. Секој од ликовите во филмот е следен со посебен лајтмотив, а доминантен бил звукот на хармониката, каде што на инструментот се надоврзуваат оркестарот и вокалите (повторно Еда дел Орсо). Исто така впечатлива е и побавната тема „Frenk“. Интересно е дека Леоне барал од композиторот да ги заврши темите пред снимањето, за да можат да се пуштаат на сетот. И оваа тема излезе од рамките на филмот.
Плочата со музиката од овој шпагети-вестерн е продадена во над десет милиони примероци низ светот. На 50-годишнината од ова остварување, италијанската дискографска куќа „Бит рекордс“ објави специјално издание од 500 примероци, на кои беа додадени уште 14 мелодии што ги немаше на првата плоча.

3. „Беше еднаш во Америка“
(1984): „Cockey’s Song“
Повторно филм во режија на Серџо Леоне, но овој пат крими-драма со Роберт де Ниро, Џејмс Вудс, Елизабет Мекговерн и Вилијам Форсајт како Коки. Енио Мориконе за песната на Коки го ангажирал Георг Замфир, романски уметник што стекна светска слава свирејќи на панова флејта, кој ја отсвири оваа трогателна тема, која подоцна прерасна во грандиозна композиција во збирката на мелодии создадени за овој филм, за која многумина веруваа дека композиторот ќе биде награден со „оскар“. Доста е слушана и „Песната на Дебора“ од овој филм.

4. „Денови на рајот“ (1978):
„Harvest“
Таа година Џорџо Мородер брилијантно го искористи својот препознатлив звук во „Полноќен каубој“, па музиката од филмот „Денови на рајот“ на Мориконе, во режија на Теренс Малик, остана без златната статуетка. За визуелно маестралниот филм со Ричард Гир и Брук Адамс, чија тема е сместена во руралните делови на Америка, Мориконе компонирал музика инспирирана од „Карневалот на животните“ на Камиј Сен-Санс, додавајќи им на сите успешни теми допир на сопствената генијалност. Една од нив, секако, е и „Harvest“.

5. „Мисија“ (1986): „Gabriel’s Oboe“
За музиката од филмот „Мисија“ и самиот Мориконе бил убеден дека треба да биде наградена со „оскар“.
– Дефинитивно бев убеден дека ќе добијам „оскар“ за музиката напишана за „Мисија“, особено ако се земе предвид дека таа година беше награден филмот „Околу полноќ“, и тоа за неоригинална музика. Тоа беше само добро аранжирана музика на Херби Хенкок, но беа користени постојни дела. Тоа не можеше да се споредува со она што го создадов јас. Тоа беше кражба! А што се однесува до мене, да се прашувам јас, би добивал „оскар“ секоја втора година – изјавил своевремено Мориконе за британски „Гардијан“.
Тешката тема за езуитите во мисијата во Латинска Америка во 18 век, со Роберт де Ниро и Џереми Ајронс во главните улоги, барала и посебна музика, во која се споени и племенските напеви и високосфистицираната европска класика.

6. „Синема Парадизо“ (1988):
„The Kissing Montage“
Создавајќи музика за филмот „Синема Парадизо“ на својот пријател Џузепе Торнаторе, Енио Мориконе напишал некои од своите најромантични мелодии. Носталгичните ноти ја следеле приказната за човекот што се сеќава на својата младост и времето минато со операторот на локалното кино, а љубовните сцени ги дополнуваат исклучителни мелодии, меѓу кои, покрај „Kissing Montage“ во завршницата, инструментално се поврзани и главната и љубовната тема во филмот.

7. „Сако и Венцети“ (1971):
„Here’s To You“
Во документарната драма „Сако и Ванцети“ на Џулијано Монталди, за двајца анархисти со италијанско потекло, погубени во 1927 година во Америка, Мориконе имал необична задача: да ги смири ангажираните масовни сцени со својот софистициран израз. Завршната песна ја отпеала познатата кантавторка, позната по своите протестни песни Џоан Бејз. Песната е објавена и како успешен сингл на Џоан („Here’s to You, Nicola and Bart“), а потоа се користела повеќепати во други филмови, како „Германска есен“ (1978) за членовите на „Црвените бригади“. Во поново време може да се слушне и во видеоигри.

8. „Недопирливи“ (1987):
„The Untouchables Theme“
Драмата на Брајан де Палма,заснована на пресметката меѓу полициската екипа на Елиот Нес со Ал Капоне и други мафијаши за време на прохибицијата во САД, со Кевин Костнер, Шон Конери, Роберт де Ниро и Енди Гарсија, исто така е украсена со грандиозната музика на Мориконе. И за ова дело тој бил номиниран за „оскар“, а со истиот режисер две години подоцна го снимил и филмот „Жртви на војната“.

9. „Малена“ (2000): „Malena“
Некогаш музиката за филмот е подобра и од самото филмско остварување, напиша критичарот на „Гардијан“, Алекс Петридис, во освртот за ова остварување. И навистина е така. Мошне сентименталниот филм на Џузепе Торнаторе, со Моника Белучи во главната улога, стариот мајстор го збогати со одлична музика.

10. „Подлите осуммина“ (2015): „L’Ultima Diligenza per Red Rock“
Режисерот Квентин Тарантино, мајстор на цитати и рецилкажа, и во претходните филмови ја користел музиката на Мориконе („Кил Бил“, „Проклетници“ и „Џанго“), а славниот композитор го ангажирал да напише музика за неговото остварување сместено за време на Граѓанската војна во САД.
Мориконе во едно интервју навел дека за потребите на филмот не сакал да го повторува својот стил од филмовите на Серџо Леоне (на што Тарантино најверојатно сметал), па режисерот најпрво бил шокиран кога ја слушнал музиката, со оглед на тоа дека не личела на она што го создавал во времето на шпагети-вестерните. Но Тарантино ги прифатил новите решенија на Мориконе, а композиторот девет години откако доби „оскар“ за животно дело, ја доби и златната статуетка за најдобра филмска музичка тема токму за ова остварување.