Австралиски научници велат дека идентификувале како се бори човечкиот имунолошки систем со коронавирусот, пренесе „Би-би-си“. Нивното истражување, објавено во списанието „Нејчр медисин“, покажува дека луѓето закрепнуваат од ковид-19 еднакво како што закрепнуваат и од редовниот сезонски грип. Утврдувањето на тоа кои имунитетски клетки помагаат во борбата против новиот вирус би требало да помогне и во развојот на вакцината, велат австралиските експерти.
– Ова е важно затоа што првпат разбираме како се бори нашиот имунолошки систем против новиот коронавирус – вели професорката Кетрин Кеџиерска, коавторка на истражувањето спроведено во институтот за инфекции и имунитет „Питер Доерти“.
Многу луѓе закрепнаа од инфекција со ковид-19, што значи дека имунолошкиот систем може успешно да се бори против вирусот. Сепак, првпат при истражувањето биле идентификувани четири вида имунолошки клетки што се борат против ковид-19. Овие клетки биле утврдени со следење пациентка што имала благ до умерен случај на коронавирус, без претходни здравствени проблеми. Станува збор за 47-годишна жена од Вухан, која закрепнала во рок од 14 дена. Професорката Кеџиерска изјавила за „Би-би-си“ дека нејзиниот тим го истражувал „целосниот имунолошки одговор“ на коронавирусот кај кинеската пациентка.
– Три дена пред да почне жената да закрепнува, во нејзиниот крвоток беа забележани специфични клетки. Кај пациенти заболени од сезонски грип, истите овие клетки се појавуваат речиси во исто време, односно пред закрепнувањето. Бевме многу возбудени кога ги слушнавме овие резултати и фактот дека ние всушност бевме во можност да го снимиме појавувањето на имунолошките клетки кај заразена пациентка пред нејзиното клиничко подобрување – објаснува Кеџиерска.
професорот Брус Томпсон, декан на здравствени науки на универзитетот за технологија „Свинбурн“,објаснува дека препознавање на тоа кога се активираат имунолошките клетки може да помогне да се предвиди текот на вирусот.
– Кога знаете во кое време се случуваат одредени промени, можете да предвидите колку време е потребно да се закрепне од вирусот – вели Томпсон.
Австралискиот министер за здравство Грег Хант исто така истакнува дека ова истражување може да помогне во развојот на вакцината и потенцијалното лекување на заразените пациенти.
Според Кеџиерска, следниот чекор што треба да го преземат научниците е детално да истражат зошто имунолошкиот одговор е слаб во потешки случаи.
– Сега е навистина клучно да се разбере што недостига или што е различно кај пациентите што починале или се во многу сериозна состојба, за да можеме да сфатиме како да ги заштитиме- истакнува Кеџиерска.