Супермоделот Наоми Кемпбел смета дека познатиот моден магазин „Вог“ конечно би требало да добие и свое африканско издание, бидејќи на тој начин би се оддало признание на придонесот што го дава црниот континент на глобалната модна индустрија.
Кемпбел, за време на посетата на главниот трговски град во Нигерија, Лагос, каде што учествуваше на модна ревија, рече дека постои потреба за подобро претставување на Африка во модниот свет.
– Мислам дека конечно би требало да започнеме Вог Африка – рече Кемпбел во интервју за Ројтерс, алудирајќи на магазинот наменет на читателите и читателките од Блискиот исток, чиј прв број излезе минатата година.
Никој од компанијата „Конде Наст Интернешенал“, што го издава магазинот „Вог“, не ги коментираше изјавите на Кемпбел.