„Момент документ“ е насловена книгата со фотографии на Зденко Петровски, која ги документира музичките настани одржани во Скопје изминативе петнаесетина години. Авторот страсно и посветено ги живее фотографијата и музиката, а објавената книга е доказ дека кога се прави она што навистина искрено се сака, успехот е неминовен.
Делото е извонреден приказ за живата музичка сцена во Скопје во периодот од 2007 до 2020 година и несомнено ќе остане како документ за едно време, луѓе и настани, кои Скопје и неговите граѓани заслужуваат да ги зачуваат и за идните генерации.
– Но она што е посебно во фотографиите на Зденко прикажани во оваа книга, е што тој гледа и фотографира многу пошироко, фокусирајќи се повеќе на атмосферата и емоциите на публиката на секој концерт отколку на помалку битната фактографија и физичка појава на изведувачите.
Подеднакво ефективни се и фотографиите снимени зад сцена или, пак, во холовите, пред и по музичките настани. Притоа изборот на медиум (аналоген или дигитален) е најмалку важен, зашто авторот на оваа книга извонредно ја владее фотографската техника и е мајстор на фотографскиот занает. Треба и да се каже дека Зденко отсекогаш бил посебен, поразличен, односно свој, не само поради изборот на кадрите – велат од Младински културен центар во Скопје, кој е издавач на книгата.
Неговите фотографии се извонредни затоа што се резултат на спојување на неговите две најголеми пасии – музиката и фотографијата.
– Тој ја разбира музиката, а преку фотографиите успева да ги пренесе набиената драматика, жар и возбуда на секој концерт, како кај изведувачите така и кај публиката. На тоа се надоврзуваат неговата посветеност и систематско следење на најважните музички збиднувања во Скопје. А кога се работи за музика и фотографија – сѐ се сведува на љубов, страст, вештина и посветеност – додава издавачот.
„Момент документ“ беше промовирана во МКЦ, во рамките на прославата 30 години Канал 103.