Штип ќе живее со фестивалски ритам
Триесет и шестото издание на музичкиот фестивал „Макфест“ ќе се случува в петок и в сабота, на отворената сцена поставена во спортско-рекреативниот центар „Аква бела ресорт“ во Штип. Од локалната самоуправа, која го организира фестивалот, велат дека се решиле да ја сменат локацијата, со цел повеќебројна публика (околу 400 лица) да може да ги следи двете фестивалски вечери.
На конференцијата за медиуми беше извршено и извлекувањето за редоследот на настапот. Пред присутните се обрати градоначалникот на Штип, Сашко Николов, кој рече дека организирањето на „Макфест“ е негова најпријатна обврска за време на десетмесечниот ангажман како градоначалник.
– „Макфест“ е фестивал со кој израснале многу генерации, кој создаде низа евергрини што сѐ уште се слушаат. На 5 септември на концертот во домот на културата „Ацо Шопов“ се потсетивме на некои од нив што му одолеаја на времето. Оваа година со уметничкиот и со техничкиот директор и со сите што на некој начин се поврзани со организацијата тргнавме во поход да ги вратиме гламурот и сјајот на „Макфест“. Поради пандемијата и неопходните мерки, одлучивме да биде на отворено во „Аква бела ресорт“, што оваа година го красеше нашиот град, кој освен другите удобности има и добра акустика. Годинашниот фестивал ќе биде отворен поразлично од претходните години, што ќе претставува вистинско изненадување за публиката, а и на почетокот на втората финална вечер ќе биде приредено едно патриотско изненадување за присутните. Се надевам дека на крајот 36-то фестивалско издание ќе биде незаборавно доживување и за организаторите и за учесниците, но и за публиката – изјави штипскиот градоначалник.
И уметничкиот директор на фестивалот, Владимир Дојчиновски, кој оваа функција ја извршува по четврти пат, и Кристијан Габровски, кој е најдолговечен прв човек на фестивалот, потврдија дека годинашниот „Макфест“ ќе има многу новини.
– „Макфест“ е како жив организам што доживеал многу промени, но најбитно е што успеа да го одржи континуитетот, меѓу другото и благодарение на Општина Штип. Инаку, фестивалската програма за годинава има многу новини: локација, водители, нова концепција со две фестивалски вечери, една прва, а не дебитантска, бидејќи изведувачите се добри музичари и докажани професионалци, но првпат ќе застанат на макфестовската сцена, а петмина од нив ќе настапат и во финалето. Инаку, годинава на конкурсот пристигнаа голем број песни, од кои се избрани 12, а 14 се напишани по нарачка од познати автори. Ќе се пее во живо, на матрица и се надевам дека како и досега некои од песните ќе имаат долг фестивалски живот – вели уметничкиот директор Владимир Дојчиновски.
В петок фестивалската програма ќе ја отвори Калина Велковска со изведбата на композицијата „Четири“, а ќе настапат и Андреа Симичиева, Ивана Василева, Вејчеслав Поповски, Теодора, Марија Данева, Виолета Арсовска, Александар Тодоровски, Александар Јосифовски, „Ту би“, Рахела Такашманова и „Фор ју бенд“. На втората вечер ќе настапат поискусните, како неколкукратната победничка на „Макфест“ Александра Јанева, Мартинијан Кириловски, Роберт Билбилов, Ѓоко Таневски, групата „Интервали“, Лара, Пепа, Полина Тасева, Наталија Данаилова, „Ај кју“, Светле, Филип Пешевски, Дејан Тасев, Пепа и Елена Наумова. По завршувањето на двете фестивалски вечери ќе има шоу-програма. На 17-ти настапуваат „Тумбао салса бенд“, а на 18-ти Александар Митевски и Драган Спасов-Дац, заедно со „Брастет Скопје“.
Техничкиот директор Кирил Панајотов дополни дека освен покровителството на Општина Штип, фестивалот е поддржан и од Министерството за култура.
– На трите првонаградени песни, поточно на креативните тимови, како и лани ќе им бидат доделени прва награда и 5.000 евра во денарска противвредност, втонаградените ќе добијат 3.000 евра, а третопласираните 1.000 евра. Ќе бидат доделени и награди за најдобар дебитант, сценски настап, аранжман и најдобра интерпретација, во износ од 500 евра. Фестивалот и двете вечери почнува во 20.30 часот, а директно ќе се пренесува на Македонската телевизија, во режија на Перо Попов – вели Панајотов.
И водителите се нови. Низ двете фестивалски вечери ќе нѐ водат Миро Кацаров, роден штипјанец, и Ведрана Ѓорѓевиќ, кои втора сезона ја водат емисијата „Голден карпет“ на Канал 5.
– Јас сум роден во годината кога „Макфест“ првпат се јави на музичкото небо. Да си рамо до рамо со толку популарен врсник не е мала работа. Токму затоа многу се радувам што ќе бидам водител на фестивалот и посакувам да има многу публика, песните да заживеат, да сме фестивалски расположени. Секако, свесен сум што значи „Макфест“ за Штип, па ќе се потрудиме заедно со Ведрана да бидеме на нивото на неговиот рејтинг – вели Кацаров.