Мијата своите обожаватели ги израдува со видеоприказна за нејзината песна „Маска“, што воедно претставува и нејзино режисерско деби.
– Ова е мое самостојно режисерско деби и целиот процес на реализација ме одведе во нови познанства, соработки и искуства. Бескрајно сум благодарна на сите од тимот што овозможија да се реализира мојата визија. Јас уживав во правењето, сега задоволството е заедничко – вели популарната пејачка, која ги напиша текстот и музиката за „Маска“.
Таа дополни дека токму пандемијата на коронавирусот, што го прележала, носењето маски, но и третирањето на женското прашање, кое го допира и во други песни, се она што ја поттикнало не само да ја напише песната, туку и да седне за првпатна режисерксото столче.
Дел од проектот се и Дамир Пух и Наташа Миха, коио учествуваа во создавањето на аудио изданието, а за уникатното видео голема заслуга имаат танчерките од денс студиото „Денсерс јунајтед“ (Dancers United), и нивната кореографка Сара Кочан. Сниматели се Сашо Доковски и Тони Стојановски, а монтажата и постпродукцијата се на Били од „Артистик продакшн“ (Artistic Production).
„Маска“ е дел од нејзиниот втор албум кој е во најава за оваа година.