Рус Вакрилов, член на жирито на фестивалот „Ехо“
Рус Вакрилов е фотограф и снимател, со голем број експедиции и документарци за качување и скијање во Бугарија, француските Алпи, Патагонија, Јужна Африка и Пакистан. Неговиот најпознат филм „Опашката на змејот“ е документарец за најуспешната бугарска експедиција во патагониските Алпи и за првото бугарско искачување на Серо Торе, кој изминативе години беше дел од програмата на фестивалот на планински филм „Ехо“, чиј член на жирито е годинава.
Фотографирањето планини, пејзажи, екстремни спортови е ваша длабока страст. Со што ве фасцинира оваа уметност?
– Ја сакам комбинацијата на авантура со полно работно време и работа на задача за документирање фотографии или видеа, како и можноста да го организирам целиот тој материјал во прекрасна и перцептивна приказна.
Дали беше тешка задачата да сте дел од жирито на „Ехо“?
– Секогаш е тешко кога оценуваш нечија друга работа, особено кога мора да го избереш најдобриот помеѓу толку добри филмови. За мене, најважната работа е приказната и како успеал режисерот да му ја раскаже на гледачот. Затоа што ако приказната е добра и е добро раскажана, дури и со најлошите слики, може да допре до секого. Импресиониран сум кога човечката приказна е прикажана искрено. Потоа доаѓаат техничките работи, работата со камера, звукот, продукцијата…
И по кои критериуми ги оценувавте делата?
– Имам едноставен критериум, доколку филмот успее да ми ги задржи умот и вниманието како на гледач и да заборавам дека сум дел од жирито, тогаш приказната е раскажана добро. Потоа се враќам назад и го анализирам, се трудам да го видам целиот труд вложен во филмот и да ги евалуирам техничките детали. Се разбира, сето тоа е рефлектирано преку призмата на моето искуство и вкус. Оценувањето всушност не е едноставно, затоа што не постојат точни критериуми или насоки што се следат.
Кои моменти и пејзажи ја импресионираат вашата камера?
– Тешко е да се каже. Постојат моменти на инспирација што ме импресионираат тукутака, без некаква очигледна причина. Овие моменти се комбинација од добри луѓе, добро светло, неверојатни планини и добра приказна што се случува во секој момент.
Сте биле дел од многу експедиции, работно и со задоволство. Како се подготвувате за таквите патувања?
– Покрај физичкиот тренинг, истражувањето и организацијата, најважна работа е да се поврзеш со партнерите. Јас се трудам однапред да работам на тоа, бидејќи сфатив дека заедничкиот труд на тимот е многу поголем од индивидуалниот капацитет.
Како се менаџирате себеси во еден момент да сте фотограф, во следниот алпинист?
– Тоа е најтешката задача. Сум бил во ситуации кога сум бил во дилема која улога да ја изберам, алпинист или фотограф – затоа што едното секогаш трпи. Не можам да бидам сто отсто фотограф и сто отсто алпинист и секогаш кога ќе се обидам да го направам тоа има последици. Една од овие улоги секогаш мора да се повлече за другата да биде успешна. Имало случки кога сум можел да направам големо искачување, барем за мене, но сум правел чекор назад за да останам зад камарата, затоа што претходно сум презел одговорност. Тоа секогаш е болна одлука, особено кога мора да ја донесам во моментот. Затоа научив ваквите одлуки да ги носам однапред, уште кога се подготвувам за патувањето.
Омилено место за фотографирање?
– Секаде каде што наоѓам инспирација. Може да биде празна пустина или снежен врв.
Какви сѐ папки имате во вашата архива? И кои проекти ве прават горд на себе?
– Тие што ми се блиску до срцето најчесто не се тие што доживеале голема популарност или голем одзив од публиката. Но таквите ги паметам најмногу. Најчесто тоа се мали персонални проекти, кои најчесто се случиле спонтано, без премногу подготовки и планирање. Мојата експедиција на Патагонија беше емоционална во двата правци – добра и лоша, речиси како сапуница. Но навистина сум горд на резултатот.