Консумирањето алкохол предизвикува деменција
Неодамнешно истражување на Универзитетот во Оксфорд покажа дека не постои количество алкохол што е безбедно за здравјето на мозокот. Во истражувањето учествувале 25.000 жители на Велика Британија, а било анализирано количеството на сивата маса во нивните мозоци.
Испитаниците пријавиле кога точно консумирале алкохол, а потоа оделе на скенирање на мозокот. Утврдено е дека алкохолот негативно влијае на волуменот на сивата маса, исклучително важен дел на мозокот во кој се обработуваат информациите.
– Намалениот волумен на сивата маса доведува до забрзано губење на меморијата. Многумина умереното пиење го сметаат за безопасно или дури корисно, но сѐ уште не е пронајден лек за болести како што е деменцијата, па затоа сознанијата за факторите што можат да го спречат оштетувањето на мозокот се многу важни – изјавила за Си-ен-ен авторката на истражувањето Ања Топивала, вработена на Универзитетот во Оксфорд.
И едно претходно истражување од 2018 година, спроведено на над милион луѓе, покажа дека обилното консумирање алкохол е најголем ризик за развој на деменцијата. Докажано е и дека алкохолните пијалаци ја зголемуваат опасноста од срцеви заболувања и аневризми.