Меган Маркл вели дека ги разбира слоновите откако поминала време со нив во дивината, во интервју снимено минатото лето, пренесува „Дејли Мејл“. Интервјуто е објавено во емисијата „Добро утро Америка“ со цел за промоција на документарниот филм „Слон“ во кој Меган Маркл е наратор.
Во интервјуто, Меган изјави дека е „благодарна“ што била вклучена во работата на документарниот филм на „Дизни“, за која се надева дека ќе ги научи луѓето колку тие се слични со слоновите и колку сме „поврзани“.
Документарецот го означува враќањето на Меган во шоубизнисот по напуштањето на кралскиот живот. „Слон“ за првпат се емитуваше на 3 април на каналот Дизни плус, новиот сервис за стриминг на компанијата.
– Навистина сум благодарна што имам можност да бидам дел од приказната за животот на слоновите. Имав многу среќа што имав можност за практично искуство со слоновите во нивното природно живеалиште. Кога минувате време да се поврзете со нив и другиот животински свет, навистина сфаќате дека имате улога да влијаете во нивното зачувување и нивната безбедност. Овие суштества се толку величествени и во исто време се толку чувствителни и толку поврзани. Во овој филм гледаме само колку се извонредни. Нивната меморија е неверојатна, тесната поврзаност на крдото, заштитата на нивните млади – вели Меган во интервјуто.
Војвотката се надева кога луѓето ќе го видат филмот, ќе разберат „колку сме сите поврзани“.
– Мислам дека тие се многу повеќе како нас, отколку што се различни. Ако имавме повеќе свест за пречките со кои се соочуваме, мислам дека ќе се грижиме едни за други, за оваа планета и за животните на многу поинаков начин – вели таа.
Вчера, Хари и Меган ги известија раководителите на четири весници дека повеќе нема да комуницираат со нив, освен ако тоа не го побараат адвокатите.
Нивната порака беше испратена од официјална елетронска пошта на „Сасекс Ројал“, и покрај тоа што кралицата им забранува да ја користат титулата.Тие ја испратиле пораката до уредниците на британските таблоиди „Дејли мејл“, „Дејли мирор“, „Сан“ и „Дејли експрес“.